Мовембер


Лејла Сабит

Биди машко, па оди на преглед.

Не пуштај само мустаќи, туку подигни ја свеста.

Знаеш ли, ова е месец на машкото здравје, и сите останати 335 дена.

Не е сè во изгледот, здравјето пред сè.

Кога си млад, не знаеш, во зрелите години ќе дознаеш.

Културата на здравјето и на живеењето се учи од мали нозе.

Колку ќе инвестираш во младоста, толку поубаво ќе живееш во староста.

Освестените и другите мажи, сто пати ќе отидат на шопинг, а ниту еднаш на уролог.

Се фалат за жени, колку виски испиле, колку пури испушиле, колку риба фатиле, колку пари потрошиле, ама никој нема да признае болка, болест, мака, неверство, врска или развод.

Бројките се алармантни.

Еден од шест мажи ќе биде дијагностициран со рак на простата за време на својот живот, но само еден од 35 дијагностицирани има фатален крај.

За повеќето мажи, како за повеќето жени:

Младоста е пред мудроста.

Срцето пред паметта.

Килограмите пред вежбањето.

Фејсбукот пред дружењето.

Трачот пред вистината.

Навиката пред правилата.

Парите пред образованието.

Кичот пред стилот.

Функцијата пред карактерот.

Лобито и врските пред способноста.

Партијата пред пријателите.

На времето мажите имаа само бричење и војска.

Дојде време на бради и барање работа во странство.

Приказната за мачото од Македонија во Европа продолжува.