МОБ ќе гостува на „Башчаршиски ноќи“ во Сараево


Македонската опера и балет на покана на Сарaевската Филхармонија ќе гостува на Меѓународниот фестивал на културата во Сараево, Р. Босна и Херцеговина  „ Башчаршиски ноќи“.

“Башчаршиски ноќи” се најголемиот културен настан, односно летен фестивал на културата, во Сараево, Босна и Херцеговина.

Фестивалот се одржува секоја година од 01-31 јули,  а оваа година честа да го отворат фестивалот, со гала концертот насловен „Поздрав од Скопје“, ја имаат солистите на Македонската опера и балет: Наде Талевска (сопран) и Никола Стојчевски (тенор), додека со оркестарот на Сараевската Филхармонија ќе диригира Маестро Иван Еминовиќ.

Со домашните ансамбли и солисти, со гостувањето  на многу европски и меѓународни уметници, Сараево – главниот град на Босна и Херцеговина – секој јули станува вистински центар на културата, а целиот град е во специјална фестивалска атмосфера.