Мицкоски се сретна со Борисов: Потребни се клучни реформи за ЕУ


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Софија оствари средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол.

Средбата, како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа на покана на бугарскиот премиер и е дел од активностите и засилената поширока агенда на Бугарија во рамките на претседавањето со Европската унија.

„На средбата се разговараше за европската агенда на регионот и зајакнување на соработката во рамките на Европската народна партија чиј составен дел е и ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на партијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласил дека стратешки приоритет преставува членството во ЕУ како суштинска ориентација преку која треба да се овозможи унапредување на стандардите и овозможување на шанси за напредок.

Мицкоски посочил дека Македонија за жал има реформски процес кој се одвива под посакуваното ниво и планот на владата 3-6-9 останува неисполнето слово на хартија. „Потребни се клучни подобрувања пред се реформа на судскиот систем, поддршка на економијата и стопанството и нејзин суштински развој, каде за жал досега имаме еден од најслабите економски резултати како држава, како и мерки за овозможување на квалитетно образование како клучен столб за развој на едно општество“, додал Мицкоски.