Мицкоски до Заев: Те разбирам, ама не те оправдувам


 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште еднаш ја повтори понудата од неговата партија до премиерот Зоран Заев да се откажат од Законот за јазици, а за возврат да добијат подршка за реформските закони што треба да ги изгласа Собранието.
„Очигледно е и видливо постоењето на политичка концесија на премиерот Заев во поглед на прашањето на законот за јазици. Жалам што за вакво крупно прашање не се земаат во предвид аргументите и фактите, туку практично се погазува Уставот и по секоја цена се обидува да се донесе закон кој не е уставен. Не е возможно законот да се донесе по демократски пат, а без притоа да се прекрши Деловникот на Собранието и не се изврши упад во процедурите, бидејќи нема да отстапиме од единствениот начин на покажување на демократски пркост, а тоа се 36 илјади веќе поднесени и прифатени амандмани“, истакна Мицкоски.
Според него, Македонија не смее да функционира по принцип на преседани и доколку се прекршат процедурите за носење на ова законско решение, тоа ќе значи воспоставување на нова незаконска пракса што ќе биде применувана во иднина.
„Зоране, јас те разбирам дека наспроти тебе стои човек кој што нема никаква концесија во минатото и нормални се твоите изјави, не можам да те оправдам, но можам да те разберам. Ќе мораш да научиш да живееш со тоа, политичките кариери на политичарите не траат вечно, за некои се подолги, но за некои се пократки. Но, она што ќе остане позади нас е дали ние како политичари сме додаде вредност и сме направиле нешто за оваа држава и за овој народ. Затоа уште еднаш апелирам за разум од твоја страна, да се посветиме на реформските закони, да се посветиме на реформите што ќе значат поквалитетен живот за нашите граѓани“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, СДСМ ја оцени понудата н ВМРО-ДПМНЕ како продолжение на политиките што ги водеше Никола Груевски.