Мицкоски ги викна „независните“ поради Катица


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со осумчлената независна пратеничка група. Изненадувачкиот состанок се одржа во Собранието, а бил по иницијатива на лидерот на опозицијата.

„На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, ставовите за реформските закони и идните предизвици за Македонија“, велат „независните“.

Станува збор за осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, кои во последен момент се премислија и го прифатија договорот за името со Грција, по што веднаш беа исклучени од партијата.

Се претпоставува дека разговорот е инициран пред се поради договорот за Специјалното јавно обвинителство. Опозицијата постави свои барања, кои владата не ги прифаќа, па премиерот Зоран Заев повторно ќе се обиде да стигне до двотретинство мнозинство во парламентот, кое засега го нема за да и го продолжи „животот“ на Катица Јанева и на нејзиниот тим. (Г.А.)