Мицковски најави кривична пријава за Џафери и претставка до Уставен суд


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ќе го оспори пред Уставен суд Законот за употреба на јазиците, што парламентот го донесе попладнево во трето читање – во  мошне тензична атмосфера, а со 64 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“.

Мицкоски најави исто така и кривична пријава за спикерот Талат Џафери, за, како што рече, прекршување на Уставот на Македонија, со отфрлањето на амандманите на опозицијата.

Според Мицковски, парламентарното мнозинство донесе Закон кој е неуставен, што, како што рече, е уште еден удар за соживотот. Законот за јазици, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е резултат на салонски договори, штетни за државата.

„ВМРО-ДПМНЕ, како државотворна партија, нема да го признае Законот за јазици“, рече Мицковски.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се повлече од преговарачката маса за усогласување на реформските закони со владејачките партии, затоа што тоа е за доброто на државата.