Михаил Стангл – „Боилер рум“: Преку музиката решаваме проблеми
Љубителите на некомерцијалната музика со години се поврзани преку најпознатата онлајн-музичка заедница „Боилер рум“ (Boiler Room). Тие создадоа нов начин на поглед кон музичката андерграунд-сцена во светот, велат дека спојуваат милиони музички глави со сета нивна специфичност. Оваа платформа ја издигна аундерграунд-културата на поинакво ниво и ги предизвика младите повеќе да се информираат и да ги следат случувањата што ги нудат некомерцијалните изведувачи.
Директорот на „Боилер рум“, Михаил Стангл, во диџејските кругови познат под псевдонимот Опиум Хам (Opium Hum) гостуваше во Скопје во рамките ПИН-конференцијата и одбележувањето на 20 години од фестивалот „Таксират“. Тој е од оние луѓе кои секогаш имаат „замешано прсти“ во сè, особено во електронската музика во Берлин. Нему не му требаше многу време за да се поврзе и со еден од најдобрите клубови во германската престолнина „Бергаин“. Активен на повеќе полиња во музиката, но секогаш со иста цел – развивање на андерграунд-сцената на светско ниво.
„Боилер рум“ ги поврзува сите точки во светот и преку онлајн-прикажување на музика откриваат што се случува во скриените клубови во Варшава, го проверуваат пулсот на андерграундот во Мумбаи или, пак, ќе го споделат она што се твори во најскриените делови во Њујорк. Тие постојат за да ги емитуваат најдобрите музички сцени, супкултури и приказни од целиот свет.
– Ние сакаме да ги славиме моментите во музичката историја и да ги раскажуваме приказите што никогаш не се емитувале порано. Ние веруваме дека во местото каде што живеете не треба да ви се диктира од кои движења и звуци треба да бидете дел. Ние сме глобално семејство, и веруваме дека музиката може да ги зближи луѓето и да помогне во решавањето на некои од проблемите со кои сите се соочуваме. Работата на „Боилер рум“ е да го емитува најдоброто од тоа, да ја погоди суштината и да го дистрибуира тоа низ светот – вели Стангл.
Во разговорот што го водевме по неговото учество во ПИН-конференцијата во Скопје, рече дека оваа платформа била само идеја, но биле доволно тврдоглави за на крајот навистина да испадне нешто добро.
– Сета таа страст за клупска култура што ја имавме во себе, баравме начин да ја реализираме, но од првичната идеја не сметавме дека „Боилер рум“ ќе прерасне во ова што е денеска. Ја градевме со тоа да презентираме електронска музика која е иновативна, револуционерна и која комуницира со луѓето, на тој начин се создаде една онлајн-заедница која ги следи нашите прикажувања. Немавме голема шанса за да ја промовираме клупската музика во медиумите, но сфативме дека мора да создадеме нешто што е конкурентно на тој пазар, а сепак да ја промовираме музиката за која сметаме дека треба да биде слушната пошироко. Сите ние го работиме она што го работиме за пари, забавите се и пари и причина за да ги собереш своите пријатели на едно место, но ова нуди повеќе и ја погодивме суштината – да откриеме нови таленти и да ја откриеме и да ја најдеме нашата публика – вели Стангл.
Решија да се вклучат во онлајн-пазарот и публиката да не биде само во конкретниот клуб, туку да ги слуша насекаде во светот. Затоа денеска „Боилер рум“ има многу поголемо значење од само музичка платформа.
– Со стриминг низ повеќе од 30 држави во светот, се надевавме дека можеби ќе станеме релевантна радиостаница која ќе промовира таква музика, но никогаш не очекувавме дека ќе имаме милионски прегледи како што имаме сега – вели Михаил.
За базата и неговото музичко царство – Берлин, вели дека е навистина уникатен пример на град и од социо-економски аспект, но и од можноста што ја дава на креативците. Со години Берлин е центарот на електронската музика и според Михаил тоа е сè уште така, иако и други градови вложуваат сѐ повеќе во клупската сцена.
– Историјата на градот, но и просторите што останаа и долго време не се користеле прераснаа во клупчиња за журки, за создавање на клупска култура и тоа никој од властите не го забрануваше бидејќи во тие моменти тие имаа попаметна работа. Уметниците се во сржта на градот и токму тоа го прави специфичен и комотен за нас. Нашата прва сесија од „Боилер рум“ беше во забранет базен. Тие алтернативни простори полека стануваа инспирација за многумина – вели Михаил, но додава дека сега се чувствуваат и промените кои водат во правец дека нема стопроцентно да можеш да биде што сакаш и да го правиш со највисок квалитет како што тоа беше во минатото за уметниците.
Стангл вели дека промените се должат на тоа дека се менува и карактерот на населението што живее во Берлин, повеќе се насочени кон бизнис-сектор со отворање фирми, компании кои не се толку поврзани со светот на уметниците.
– Берлин е сè уште евтин град за живеење, но ако живееш таму повеќе од 15 години промената секако дека ќе ја почувствуваш, се менува структурата, а тоа најмногу го препознаваат уметниците.
Тој вели дека секаде низ светот може да се најде катче каде што може иновативноста да се реализира. Го споменува Тбилиси како еден град кој за него е прилично привлечен во моментов и дека сцената од централноевропските градови се шири на места каде што досега не било карактеристично за нив. Смета дека електронската музика потребно е да се движи и во општествено одговорен правец.
– Во моментов во светот има многу музика, креативна, иноватнивна во сите жанрови. Последниов период мене внимание ми привлекува и афро-карибската музика која има изобилство на надворешни влијанија и сето тоа ми звучи привлечно. Од друга страна, смета дека електронската музика треба да се движи во правец кон политичкото и општественото, бидејќи во спротивно ќе стане нерелевантна – вели Стангл.
Во морето на многу музика често се случува талентираните да не може да го пробијат својот пат за сметка на оние што ќе направат и прифатат сѐ, не грижејќи се за квалитетот што го оставаат зад себе. Михаил вели дека и во електронската музика се случува диџеи да пробуваат да станат ѕвезди, иако лично смета дека тоа е погрешно.
– Целосно непотребно е диџеј да биде ѕвезда, тоа се случува на некои од топ-лисите, ама тоа се прави на таков лош начин што сето ова изгледа како поп-сцена. Лично сметам диџеите не треба да се стремат да бидат ѕвезди, бидејќи сме на еден начин даватели на услуга. Немам проблем со тоа што се глорифицираат некои диџеи, но проблемот го гледам во монетарната политика и како тоа се исплаќа. Некој ќе купи трака од 99 центи и преку нејзиното презентирање да заработи милиони. Тој проблем потребно е да се поправи веднаш – вели Стангл.
Ивана Настеска