Мистерот на Македонија Драган Стојчевски со нова професија: Обезбедувам познати политичари


Русокос, со сини очи, висок 183 см, тежок 83 кг, со набилдано тело, во 2004 година ја освои титулата мистер на Македонија, а две години подоцна стана и мистер на Европа за 2006 година. Четиринаесет години подоцна Драган Стојчевски (39), професор по физичко воспитување од Тетово, модните писти и рефлекторите ги замени со дискретна и одговорна професија. Веќе една година е вработен во МВР, во Шестата управа, како обезбедување на ВИП-личности, познати политичари. Женет е и татко на две деца, синот Данило (5) и ќерката Дарија (1).

Беше прв мистер на Македонија. Сега си обезбедување во МВР на ВИП-личности. Како стигна до оваа функција?

– Да, првиот мистер на Македонија во далечната 2004 година, кога ли поминаа 14 години. Тој период бев во модното студио „Црнокрак“, кога Мики првпат го организираше изборот за мистер на Македонија во летната дискотека „Колосеум“ во Скопје. Се пријавив чисто од љубопитност зашто се занимавав со манекенство подолго време и сакав да видам до каде се моите можности. Во тој период бев на курс за инспектор во Центарот за обука во Идризово.

Да ви кажам искрено, до оваа функција дојдов со чесно и професионално работење. Кога некој не сакаше да ги искористи моите квалитети на одредени работни места каде што бев, ги искористија луѓе што ги ценеа моите квалитети…

Како изгледаше патот до твојот успех?

– Од 2005 до 2014 работев во Секторот за внатрешни работи во Тетово, од 2014 до 2016 година во Центарот за обука во Идризово како советник по одбранбени техники и моторички способности, мал временски период издавав дозволи за оружје и еве сега скоро година дена сум обезбедување во Шестата управа.

Дали новото работно место те исполнува?

– Секако дека ме исполнува. Ги запазувам лојалноста и чесноста кон луѓето каде што работам…

Што се смени сега во твојот професионален и приватен живот?

– Конкретна промена? Па, еве, неколку години во слободно време се занимавам како личен тренер по фитнес. Клиентите што ги имам повеќе сакаат да ослабнат отколку што сакаат да се поправат. (се смее)

Што ти донесе титулата најубав Македонец? Ти помогна или ти одмогна во кариерата?

– Во животот сѐ се случува со причина. Секако дека титулата мистер ми помогна малку во мојата кариера како на приватен, така и на професионален план.

Ти недостига ли животот од модните писти?

– Моделството, искрено, не ми недостига. Сѐ во свое време, а и годините си го прават своето, имам 39. Сепак, светот останува на помладите. Благодарение на Фејсбук, контактирам и се дружам со пријатели од други држави кои ги запознав на споменатите избори.

Во 2009 година позираше во антички костими за потребите на книгата на дизајнерот Никола Ефтимов наменета за пазарот во САД. Таа фотосесија предизвика реакции во јавноста.

– Од таа фотосесија носам само убави спомени. Бев облечен во костими што асоцираат на Античка Грција. Секој различно ги протолкува, а мене ми донесоа слава.

Од каде желбата за спорт?

– Желбата за спорт кај мене се роди уште во шесто одделение, кога мојот татко секој ден ме носеше во Спортскиот центар во Тетово да тренирам атлетика. 12 години го тренирав овој спорт. Моите дисциплини беа 200 и 400 метри, но кога требаше да собираме поени за клубот, одев плус и 100 метри, скок во далечина и трискок, штафети 4х100 и 4х400 метри. Во тоа време имаше дружење меѓу нас. И ден денеска со повеќето од нив сум во добри односи. Спортот ги зближува луѓето… Од 2003 година до ден денес се занимавам со фитнес. Тоа се 15 години. Ако го споиме со атлетиката, 27 години активен во спортот…

Дали телото уште го одржуваш во топ-форма? Која е тајната на твојот изглед?

– Секако дека го одржувам телото во форма. Тоа го докажуваат и фотографиите. Последниве 3 години бев активен и во бодибилдингот во категоријата физик. Таа е нова категорија. За три години настапив 4 пати како на куп натпреварите, така и на државните првенства, 4 пати бев втор во мојата категорија… Не ми е целта да се докажувам на мои години. Целта ми е малку сегашнава младина да биде поактивна во спортот и да може да избере и да погледне како изгледа човек што е активен во спортот на 39 години и некој што не е активен со истите години. Па нека избере – дали ќе сака да биде активен или не… Барем сега е сѐ достапно и со социјалните мрежи, па еве во последно време има и лични тренери. Може да си посветат внимание, пред сѐ за нивното здравје, па после за другите работи. Кога барем еден отсто од македонската младина би ме послушала да биде активна во спортот, јас би бил задоволен… Сепак, еден живот имаме, зошто да не го забавиме процесот на стареење.

Дали имаш режим на исхрана и на живеење?

– Денот ми минува како и на секој друг. Значи, работно до 16.30 часот. Потоа одам на фитнес, дружење со пријателите, муабет. А, да, редовно јадам и квалитетно, што значи сè што ми се допаѓа, немам никаков режим. Не пијам и не пушам.

Во моментов си сконцентриран и на еден нов спорт во Македонија – буткање со рака.

– Да, неодамна се одржа државното првенство во буткање на рака, каде што организатор бев јас и Бодибилдинг и Фитнес-федерација на Македонија. По пауза од 5 години од последниот натпревар, кој се одржа во Тетово во 2013 година, продолжуваме каде што застанавме, со помош од Агенцијата за млади и спорт и директорот Дарко Каевски кој најде разбирање за овој спорт, светската федерација која се труди овој спорт во 2024 година да го направи и олимписки. Што е дополнителен мотив, за сите нас што го сакаме овој спорт, да си формираме клубови, а зошто не и федерација и да бидеме дел од едно европско, па и светско првенство… Имавме 4 категории на овој натпревар, до 80 кг, од 80 до 90 кг, од 90 до 100 кг и преку 100 кг. Јас настапив во втората категорија каде што го освоив првото место.

Лејла Сабит