Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција влегуваат во преговорите за името


Македонија ќе го смени името на аеродромот „Александар Велики“, како и на автопатот, кој ќе се вика отсега „Пријателство“ а Грција ќе ја ратификува  втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) меѓу  Македонија и Европска Унија, која стапи во сила уште во далечната 2004 година. Тоа е епилогот од првата средба на премиерите на двете држави Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, која траеше речиси три часа.

Исто така, како најави македонскиот премиер, Македонија и Грција ќе го зголемат нивото на преговарачкиот процес за решавање на името. Во натамошниот процес ќе учествуваат министрите за надворешни работи на двете земји, под покровителство на Обединетите нации.

Заев обелодени дека на средбата била изразена и добрата волја и подготвеноста на Македонија да покаже дека навистина има подготвеност за решавање на спорот. Во таа насока, како што посочи премиерот, Владата ќе ги преименува скопскиот аеродром и автопатот.

– Македонија ќе остане посветена во процесот во изнаоѓање на решение за името, а тоа мора да биде во насока на заштита на националниот идентитет и идентитетот на нашите народи. Владата ќе го промени името на аеродромот и автопатот. Автопатот ќе се вика „Пријателство“.  Ова е доказ за фактот дека немаме територијални аспирации кон нашиот сосед. Од друга страна тие ја покажаа нивната добра волја да ни овозможат да ја зголемиме нашата соработка со Европската унијата и другите меѓународни институции – рече Заев.

Додаде дека мнозинството граѓани на двете земји сакаат да имаат блиски и пријателски односи, кои ќе придонесат за зајакнување на меѓусебната соработка.

– Сакаме да станеме еднакви партнери во ЕУ и лојални партнери во НАТО. Сакаме да стоиме рамо до рамо за да си помагаме меѓусебно да се поддржуваме во тешки и предизвикувачки моменти. Покажавме во минатото кога двете земји иимаат сериозни предизвици дека можеме да работиме заедно за меѓусебен интерес – нагласи Заев.

Сложено ерга омнес име и справување со иредентизмот во сите облици, побара Ципрас од Заев на денешната средба во Давос.

Грчкиот премиер во изјавата по маратонските разговори со неговиот македонски колега повтори дека за евро-атлантска перспектива на Македонија потребно е прво да се затвори проблемот со името и тоа во целост.

– За да оди напред европскиот интегративен процес и интеграција во НАТО, како што посакува соседната земја, треба да најдеме решение во целост, за отворените прашања. Особено јасно ставив до знаење дека треба да се договориме за заемно прифатено сложено име што ќе важи за сите. И во оваа рамка разменивме идеи и се договоривме да ги интензивираме под наш надзор, консултациите што веќе се водат во рамките на ОН – рече грчкиот премиер Ципрас.

На сите оние што од двете земји ја следат средбата во Давос, некои со агонија и скептицизам, други со искрена надеж и порача дека и двајцата премиери имаат желба да се справат со постоечките разлики со реализам и чувство на одговорност.

– Не сакаме само да го решиме проблемот со името туку сакаме односите на двете наши земји да ги поставиме на цврсти темели, темели на меѓусебно почитување и добрососедство. Што значи дека прво треба да се справиме со иредентизмот во сите негови облици и секако со гаранции дека нема да оставиме никаков отворен прозорец за одново да се создадат слични провокации во иднина – рече грчкиот премиер.