Министерство за правда: Одложени измените на Законот за референдум
Министерството за правда во ново корегирано соопштение попладнево информира дека се одложени предложените измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, потенцирајќи дека со нив не се менува суштината на законот, туку станува збор за усогласување на термини со други закони.
Претходно, по информациите во дел од медиумите и објавата на предложените законски измени на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) Министерството за правда соопшти дека тие се вршат заради усогласување со Изборниот Законик и за напуштање односно надминување на одредени застарени решенија. Наведоа дека Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните е донесен во септември 2005 година, a Изборниот Законик во март 2006 година.
– Во предложените измени на член 1, член 2, член 3 и член 4 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши усогласување на истиот со Изборниот законик. Изборниот законик е објавен на 31 март 2006 година и истиот влезе во сила со денот на објавување во Службен весник. Со денот на објавување на Изборниот законик престанаа да важат Законот за избор на претседател на РМ, Законот за избор на пратеници во Собранието на РМ, Законот за локалните избори, Законот за избирачки список, Законот за избирачките места и Законот за изборните единици за избор на пратеници во Собранието на РМ, се вели во соопштението.
Се додава дека со предложените измените во членот 5 и 6 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши усогласување на предложениот закон со Законот за судовите.
– Во Законот за судовите кој е објавен во мај 2006 во членот 22 покрај постоечките судови се воведе Управниот суд. Членот 34 од Законот за судовите ја уредува надлежноста на Управниот суд. Имено, со Законот за судовите надлежноста за решавање на управните спорови од Врховен суд премина во Управниот суд, соопштува Министерството за правда, нагалсувајќи дека со предложените измени во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши уредување на прашања кои се од значење за практичното спроведување на законот и техничко доуредување на текстот.
Предлог на закон за изменување на Законот за реферндум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните беше поставен на ЕНЕР, но од попладнево тој е повлечен.