Министерство за култура: Ќе се ревидираат одлуките за најрелевантите забелешки


Сметаме дека комисиите си ја завршија добро нивната работа во процесот на одлучување, со оглед на сите ограничувачки околности, но ги прифаќаме забелешките на јавноста. Комисиите ќе ги ревидираат нивните одлуки во однос на најрелевантите укажувања. Техничките пропусти ќе бидат коригирани веднаш, а дел од другите приговори преку жалбената постапка, соопшти Министерството за култура за МИА по бројните реакции на објавената Годишна програма за 2018 година.

Министерството ги охрабрува сите апликанти да поднесат приговори доколку сметаат дека биле онеправдани и вели дека им гарантира фер и брза постапка.

Постапката за врачување на решенијата е почната. Жалбената постапка за оние кои ќе поднесат приговори почнува од денот на приемот на решението и трае 15 дена, а приговорот се доставува до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка по работен однос од втор степен.
Во однос на денешната реакција на Македонската филхармонија, Министерството одговари дека не се работи за непостоечки проект, туку дека е настаната техничката грешка при аплицирањето со старата програма на поранешната директорка на Филхармонијата, и новата на в.д директорот Виктор Илиески. Посочува и дека и овој приговор ќе се разгледува подеднакво детаљно како и сите останати кои се предвидени според Законот и кои ќе пристигнуваат до комисиите.

За издавачката програма, пак, наведува дека комисијата се раководела по два принципа, – да ги поддржи рениомираните издавачки куќи кои понудиле добра прогарама, и да ги поддржи клучните македонски автори, без разлика со кој издавач аплицирале.

– Добрите автори во уредувачката политика се веќе голем позитивен поен, без разлика на формалниот бекграунд на издавачот. Знаеме дека во изминатите години културната политика на претходната власт создаде неправеден третман во издаваштвото, па некои издавачи необично пораснаа. Нашата програма, во секој случај, не прави толаква разлика меѓу различните издавачки куќи, посочува Министерството.

Потенцира дека, покрај наследените долгови и ограничениот буџет, проверените и традиционалните манифестации добиле релативно добри средства за нивните програми, а за повеќето проекти Министерството ја користело стратегијата на „сеидбен“, „размножувачки“ буџет (seeding budget) кој овозможува средства за покривање на основните трошоци за продукција на проектите, како поттик за уметниците и културните менаџери да најдат и други средства за нивна реализација, со тоа што поддршката на државата претставува солидна гаранција пред потенцијалните донатори.

– Давањето поскромни средства на повеќе актери беше наше признание, а не компензација за нивната вредност и нивниот труд…. Иако наследивме многу долгови, а добивме најголем број апликации досега, над 5000 проекти, наша цел беше да вклучиме што поголем број проекти, да овозможиме децентрализација на културните активности, рамномерен развој и дисперзија на културата и уметноста низ целата земја. Сакавме да вклучиме што повеќе проекти од независната сцена, етничките заедници, маргинализираните групи и социјално ранливите категории, да обезбедиме потенцијал за развој на публиката насекаде, жанровска разновидност, да обезбедиме пристап за сите и да дадеме шанса на почетници и дебитантски актери во сферата на културата, а не само на етаблирани уметници и културни работници, соопштија за МИА од Министерството.

Тројцата членови на комисии за кои имаше укажувања за можен конфликт на интереси, иако не учествувале во тие комисии, го повлекле учеството во проектите.

Министерството нагласува и дека сегашниот формат на Годишната програма е наследен од минатите години и дека веќе од следната недела, со формирање посебна работна група, ќе почне процес на целосна ревизија на Законот за култура и легислативата од областа на културата, вклучувајќи и јавна расправа која ќе трае во идните неколку месеци. Очекува дека таа ревизија ќе ги утврди и начините на поддршка на националните установи и другите корисници, што е во согласност и со петгодишната Стратегија за културен развој и со акцискиот план на министерството.