Министерство за култура: Сите информации за злоупотреби во годишната програма доставете ги до нас
Министерството за култура упати повик до јавноста за сите информации или индиции за прекршувања или злоупотреби во врска со резултатите од годишната програма за 2018 година, истите да ги достават до Министерството.
„Наша недвосмислена определба е процесите на одлучување да бидат целосно транспарентни, да бидат фер и објективни, согласно начелата, критериумите и пропозициите на конкурсните апликации.
Цврсто стоиме на ставот, дека доколку има индиции за неправилности во процесот на аплицирање и одлучување, или доколку одредени личности или субјекти учествувале во непотизам, корупција, клиентелизам или други незаконски практики, Министерството е подготвено веднаш да ги преиспита тие случаи, а доколку се утврди одговорност, да спроведе дисциплински и други постапки во согласност со закон.
Времето на незаконско и непрофесионално дејствување во интитуциите заврши, а таквите практики се заменуваат со практики на стручно, одговорно и домаќинско работење со средствата на граѓаните“ стои во соопштението.