Министерот за култура Адеми се сретна со поети гости на Турската поетска вечер
Министерот за култура Асаф Адеми денеска во просториите на Министерството за култура оствари работна средба со поети кои се гости на меѓународната манифестација „Турска поетска вечер Јахја Кемал Бејатли“, која синоќа се одржа во Сули ан во организација на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ).
На средбата гостите го изразија своето задоволство од организацијата на оваа поетска вечер, на која беа претставени книжевни поетски дела од голем број автори кои оставиле белег врз промоцијата на турската книжевност во земјите од кои доаѓаат, но и во меѓународни рамки.
Директорот на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), Уштреф Емин, се заблагодари за поддршката што ја дава Министерството за култура за афирмацијата на турската книжевност и го изрази своето уверување дека и во иднина, заедно со Сојузот на невладини организации, ќе се остварат и други соработки.
На манифестацијата „Турска поетска вечер Јахја Кемал Бејатли“ присуствуваат реномирани поети од Турција, Азербејџан, Молдавија, Ирак, Грција, Бугарија, Косово и од Македонија.