Минатиот месец исплатени над 784 000 евра за вработените по Рамковен


Вработените според  Рамковен договор кои не се распоредени на работни места, ќе добијат понуда да одат на работа не само во јавната администрација како досега, туку во целиот јавен сектор, што подразбира дека може да бидат ангажирани во училишта, градинки, здравствени установи, јавни претпријатија. Како што изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на 1.688 вработени по Рамковен договор ќе им биде понудено работно место што не значи дека тие мора да го прифатат.

Според објавата на Телма, само за минатиот месец за вработените по рамковен се исплатени над 784. 000 евра, односно плата од 490 евра за сите 1688 вработени седејќи дома во Македонија или странство.

„Последната исплатена плата која е реализирана преку Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, за програмата К5- Соодветна и правична застапеност на заедниците изнесува 48.242.111 денари“, соопштија од Министерство за финансии.

Манчевски прецизираше дека распределбата во администрацијата ќе се одвива во наредните недели, дека не се знае точно колку ќе трае оти тоа нема да биде на неодредено време.

– Некаде нема да биде прифатливо тоа што им се нуди и тогаш се применуваат законските одредби со кои овие луѓе се ставаат на трансфер листа, не значи дека се отпуштаат од работа, туку се ставаат на располагање за други институции. Ќе се добиваат понуди како што добиваат понуди и останатите на трансфер листата во јавната администрација, појасни Манчевски.