МЗ ги истражува злоупотребите со хонорарите на детска хирургија


Министерството за здравство попладнево соопшти дека ги истражува индициите дека постоеле злоупотреби со исплатата на хонорарите на Клиниката за детска хирургија во Скопје.

Како што нагласуваат од Министерството, тие ќе утврдуваат кој и врз основа на што, на лицата ангажирани со договор на дело, им исплаќал суми многу поголеми од предвидените но, потенцираат, не станува збор за намалување на примањата на хонорарците, ангажирани на Клиниката, туку за враќање на износите во рамки на постојната систематизација.

– Министерството за здравство и натаму останува на ветувањето од Програмата на Владата на Република Македонија за покачување на платите на сите здравствени работници, за 5 проценти, во втората половина од оваа година. Дополнително, во првата половина на годинава ќе се зголеми сумата, која докторите и медицинските сестри ќе ја добиваат за дежурствата. На пример, минатата година еден интернист за дежурање во работен ден добивал по 1.340 денари, а годинава овој износ ќе се зголеми и ќе изнесува од 2.500 до 3.000 денари. Додека за дежурство на празник, или во тек на викенд, сумата од 2.980 ќе порасне на четири илјади денари, се наведува во соопштението на Министерството.