Мајски оперски вечери годинава го слават Пучини
Мајските оперски вечери кои по 46-ти пат ќе се одржуваат од 9-ти до 31 мај годинава ќе бидат во знакот на 160-годишнината од раѓањето на Џакомо Пучини (1858-1924). Покрај премиерата на операта „Боеми“ за отворањето в среда, до крајот на фестивалот ќе бидат изведени уште две популарни опери на овој италијански композитор – „Тоска“ на 12 мај и „Турандот“ на 19 мај.
Од јубилејот произлезе и мотото на фестивалот годинава – „Го славиме Пучини“. Покрај трите оперски претстави на програмата ќе има и гала оперски концерт „Пучини и Росини“ (23 мај) со кој водено ќе биде одбележан и јубилејот 150 години од смртта на Џоакино Росини.
„Боеми“ – приказна за љубовниците Родолфо и Мими во Париз, во Македонската опера и балет ќе биде изведена по пауза од 11 години, овојпат во режија на Дејан Прошев. Новата премиера го следи либретото, има четири чина со една пауза.
На прес-конференција денеска режисерот рече дека се работи за комплексно оперско дело и е уверен дека со екипата направиле одлична претстава во која, како што рече, публиката ќе ужива. Тројца солисти – Ѓорѓи Цуцковски (Родолфо), Горан Начевски (Марчело) и Ристе Велков (Шонар) учествувале и во постановката на „Боеми“ во 2007 година, тогаш во режија на Стојан Стојанов-Ганчев.
Тенорот Цуцковски, кој како Родолфо дебитирал во МОБ во 2007-ма, рече дека улогата е врв во вокално-интерпретаторскиот тенорски фах. Партнерка на сцената (Мими) му е сопранистката Благица Поп Томова, која рече дека отсекогаш сакала да го игра токму овој лик. Во екипата се уште седум солисти, настапува хорот и оркестарот на МОБ под водство на италијанскиот диригент Џанлука Мартиненги. Сценограф на претставата е Зоран Николовски, а костимограф Марија Пупучевска.
На програмата на Мајските оперски вечери покрај „Боеми“, „Тоска“ и „Турандот“ се уште две оперски претстави – „Змеј од Босна“ на Националната опера на Босна и Херцеговина (22 мај) и Веридевата „Аида“ со која традиционално на 31 мај се затвора фестивалот.
– Се потрудивме грижливо да избереме наслови и солисти кои се надеваме дека ќе ги задоволат вкусовите на најголемите вљубеници во операта, но и најострите критичари, рече директорката на Операта Бисера Чадловска.
Како вовед во 70-годишнината од основањето на Балетот на МОБ, што ќе биде одбележано во следната сезона 2018/2019, на 46. Мајски оперски вечери (15 мај) ќе има балетски концерт „Балетски бисери“. Директорката на Балетот Олга Панго рече дека ќе бидат опфатени најубавите балетски дела со учество на солисти-првенци, балетскиот ансамбл и гости од Србија, Хрватска и Бугарија. Истата вечер по повод основањето на Балетот на МОБ ќе биде отворена и изложба „Почетоци“ посветена на првите генерации балетски уметници во Македонија.
Во придружната програма се уште две изложби – #retrOpera – со која МОБ се придружува на европската иницијатива Европски оперски денови, и ретроспективната изложба на дела од долгогодишната кариера на Васе Урдин.
Во оф-програмата е и промоција на монографија за оперската примадона Зина Креља – првенка и една од основоположниците на МОБ, потоа Вечер со Аки Нуредини – „До ре ми фа Соле“, а на последниот ден од фестивалот ќе бидат одбележани и 100 години од раѓањето на оперската певица Данка Фирфова, која припаѓа на првите драмски сопрани во Македонија.
Претставите почнуваат во 20 часот. Мајските оперски вечери задутре свечено ќе бидат отворени во 19 часот со традиционалното палење на фестивалсиот оган на платото пред Македонската опера и балет.