Масовни антивладини протести во Словачка


Десетици илјади луѓе денеска протестираа во Братислава и другите словачки градови барајќи темелна истрага за убиството на новинарот Јан Куциак и неговата вереница и оставка од премиерот Роберт Фицо.

Тоа се најголеми протести во Словачка од Кадифената револуција во 1989 година, што доведе до пад на комунистичкиот режим.

Организаторите на протсетите бараат во истрагата за убиството на новинарот Куциак да се вклучат и странски експерти, но бараат и нова истрага во која нема да учествуваат лица поврзани со организираниот криминал и корупција.

Словачкиот премиер Фицо претходно изјави дека американскиот милијардер со унгарско потекло Џорџ Сорос би можел да биде вмешан во протестите по убиството на Куциак и неговата веренца. Тој истакна дека има информации оти на протестите би можело да избие насилство.

Фицо, претседателот на Словачка, Андреј Киска и претседателот на Парламентот Андреј Данко не успејаа да се договорат за заедничка декларација со која би се смирила ситуацијата во Словачка по убиството на новинарот. По нивниот состанок, Данко изјави дека не можеле да се договорат за единствена верзија на говорот.

Телото на 27-годишниот Куциак и неговата девојка Мартина Кушнирова беа пронајдени со прострелни рани на 25 февруари во нивниот дом.

Куциак ги истражуваше активностите на италијанската мафија во Словачка и нејзините врски со лицата блиски до премиерот Фицо. Тој во последниот незавршен текст ги опишува активностите на членовите на криминалната организација Ндрангета во источна Словачка и поврзаноста на еден од нив со соработник на Фицо, како и на другите соработници на словачкиот премиер.

Американското Федерално истражно биро (ФБИ), британскито Скотланд јард и Европол и помагаат на словачката полиција во истрагата за убиството на новинарот.