Марш место каранфили


Голем процент од жените во Македонија се обесправени, дискриминирани на многу полиња, подложни на психичко и физичко малтретирање. Во некои делови од државава жената сѐ уште се третира само како домаќинка, мајка. Уште постои поделба на машки и женски професии… Генерално, таква е оценката на многубројни студии, анкети, истражувања посочени од релевантни институции во државава кои во текот на вчерашниот ден кога се одбележуваше 8 Март, како и во изминативе години, едногласно констатираа дека на жените во Македонија не им се потребни скапи подароци, туку неопходно им е тие да се издигнат на пиедесталот, на еднакво рамниште како и припадниците на посилниот пол.

„8 Март е ден за потсетување на борбата за економска, политичка и социјална еднаквост на жените. Борбата против современиот патријархат не е завршена: Светскиот економски форум предвидува дека родовиот јаз нема да се затвори до 2133 година!“, порачаа од една невладина организација за унапредување на женските права на Маршот за правата на жените и за еднаквост на општеството.

Стотици припаднички на понежниот пол од различни професии, националности и возрасти маршираа од паркот „Жена борец“ до плоштадот „Филип Втори“ барајќи да се отфрлат стереотипите и да се каже „НЕ“ на насилството и омразата врз понежниот пол.

„Со овој марш, освен што ги славиме жените, ги повикуваме и нашите татковци, браќа и синови да се солидаризираат со нас и заеднички да ги отфрлиме стереотипите и етикетите што не ограничуваат“, порачаа учесничките на маршот.

И покрај постојниот закон за еднакви можности меѓу двата пола, како и загарантираните женски права со устав, постои дискриминација при вработувањето, секојдневно жените се среќаваат со бариери при избор на т.н. машки професии, на секој чекор ги демнат предрасуди од секаков тип.

„Фактичката состојба со жените е сосема поинаква од она што е напишано на хартија. Половина од населението во земјата се жени, а половина се мажи, но меѓу нив не постои еднаквост. Постои дискриминација при вработувањето: во структурата на вработени 39 проценти се жени, а 61 отсто се мажи. Во селските средини од секои 4 жени 3 се невработени. Мал број жени се сопственички на бизниси. Жените немаат можност да ги користат субвенциите за селски развој, бидејќи само 2 проценти од нив во селските средини се сопственички на земјата. Само 5 проценти од жените се сопственички на станбен простор“, вели Савка Тодоровска, претседателката на Националниот совет за родова рамноправност на Македонија. Посочува дека процентуалната застапеност на жените во институциите и другите структури во општеството е доказ дека Македонија само декларативно се залага за рамноправност на двата пола.

„Жените ги нема во структурите каде што се одлучува. Во парламентот има 32 проценти жени, наспрема 3 проценти, колку што беше во првиот состав во 1991 година. Од 85 градоначалници на општини само 4 се жени, а во советите на општините 28 проценти од избраните советници се жени. Сѐ уште сме на почетокот на процесот на рамноправно учество на жените во сите општествени сфери, поради постоењето на бариерите, стереотипите и предрасудите во општеството“, вели Тодоровска.

Во меѓувреме, не е мал бројот на припадниците на машкиот пол кои признаваат дека секојдневно низ примери се докажува дека жената истовремено може да биде добра мајка, сопруга, домаќинка, а притоа, паралелно да е и подобра директорка од мажот, подобра политичарка, новинарка, професорка, па дури и возач на автобус.

Хелсиншки комитет: Итно да почне промена на законската рамка

Хелсиншкиот комитет во соопштението испратено по повод 8 Март наведува дека жените во Македонија сѐ уште се соочуваат со полова и родова дискриминација без притоа да имаат заштита на нивните права. Меѓу најранливите групи се посочуваат текстилните работнички, жените од руралните средини, жените Ромки, жените жртви на насилство и жените со попречености.

„Од овие причини бараме државата итно да започне со промена на законската рамка и собирање на статистички податоци за сите форми на родово базирано насилство, да обезбеди сервиси за жените и девојчињата жртви на насилство и да им обезбеди заштита на сите жени чии права секојдневно се прекршуваат“, се вели во соопштението.

Дури 78 отсто од жртвите на семејство насилство се жени

Статистичките податоци покажуваат дека 78 проценти од жртвите на физичко насилство се жени, а 98 проценти од сторителите на семејно насилство се мажи. Од 2008 до 2016 година се регистрирани 70 фемициди (насилства врз жените со смртен исход) од кои 15 се случиле во периодот 2013-2016. Над три четвртини од случаите на семејно насилство не се пријавени во ниту една јавно достапна служба. Над 80 проценти од вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија се жени и тие се едни од најниско платените работнички со 35 проценти пониска просечна плата од платата на државно ниво.

Шекеринска: Само со силни жени Македонија може да оди напред

министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која е една од четирите жени во македонската Влада, смета дека само со силни жени Македонија може да оди напред. Според неа, Владата прави многу напори за жените да ги имаат сите права. Тоа што во Собранието 45 отсто од пратениците се жени кажува дека во Македонија се води различна политика по ова прашање, додава министерката.

„Со жалење констатиравме дека стапката на жени градоначалнички е ниска. Ние како партија имавме повеќе предлози за жени градоначалнички за разлика од претходните години. Најголемо изненадување беше победата на жена градоначалник во Арачиново, а најголема победа имавме во Битола, каде што исто така жена беше предлог за градоначалничка. Не сме задоволни, ќе продолжиме со оваа политика на локална власт. Јас бев во Собранието кога имаше 7 жени од 120 пратеници. За 10 години исто ќе биде и во локалната власт. Жените во политиката се честопати изложени на дискриминација. Жените покажаа дека знаат да се борат за своите права и преку протестите каде што беа доминантни“, рече министерката Шекеринска.