Макрон: Подготвени сме да воведеме санкции за одговорните за убиството на Кашоги
Како што соопшти Елисејската палата, Макрон побарал од кралот да ги расчисти сите околности кои довеле до убиството на новинарот.
– Макрон го потсети Салман дека еден од главните приоритети за Франција е заштита на слободата на истражување, на медиумите и граѓанските слободи. Според него, Франција нема да се двоуми, во соработка со своите партнери, да воведе меѓународни санкции за виновниците за убиството, се наведува во соопштението од Елисејската палата.
Кашоги, критичар на саудиското кралско семејство, кој живееше во САД, исчезна на 2 октомври откако влезе во Генералниот Конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, каде отиде по документи за склучување брак.
Ријад во првата реакција соопшти дека Кашоги (59) го напуштил Конзулатот, за подоцна, под меѓународен притисок, да ја смени изјавата дека новинарот го загубил животот во тепачка во Конзулатот.
Турските медиуми јавија дека новинарот е малтретиран до смрт.
Француската Влада претходно соопшти дека ќе бидат воведени санкции доколку се утврди одговорноста на Ријад за убиството на саудискиот новинар и доколку тие информации ги потврди француската разузнавачка служба.