Макрон: Насилството нема никаква врска со мирното изразување гнев
Францускиот претседател Емануел Макрон посочи дека синоќешниот бран насилство и вандализам во Париз на никаков начин не може да се оправда и дека нема никаква врска со мирно манифестирање на легитимниот гнев.
– Ништо не ги оправдува нападите врз безбедносните сили, ограбувањето на продавници, палењето на јавни и привати згради, заканите врз минувачите и новинарите или уништувањето на Триумфалната капија, нагласи Макрон во Буенос Аирес, каде учествуваше на Самитот на Г-20.
Истакна дека оние кои извршуваат насилство само сакаат да шират хаос.
– Тие ги изневеруваат целите кон кои тврдат дека се стремат. Ќе бидат идентификувани и повикани на одговорност пред судот за нивните постапки. Секогаш ќе ги почитувам протестите, но нокогаш нема да прифатам насилство, порача Макрон.
Париската полиција соопшти дека на вчерашните протести во Париз се упасени 270 лица, додека 110 се повредени, меѓу кои и 17 полицајци.