Македонците го „нападнаа“ Солун


Додека Грците од сите страни на земјата се подготвуваа за масовниот протест кој вчера се одржа во Солун и целиот град беше исполепен со плакати „Името не го даваме“, Македонците изминатиот викенд беа најмногубројни по солунските улици и ги трошеа парите. На главната шопинг-улица „Цимиски“ во Солун повеќе се слушаше македонскиот јазик отколку грчкиот.

Како и секоја година, почнувајќи од Водици, кога почнуваат најголемите попусти кај нашиот јужен сосед, илјадници Македонци масовно и годинава отидоа на шопинг во Солун. Најавите за масовниот протест не ги премислија македонските граѓани да навалат во продавниците и шопинг-центрите кои беа преполни, а цените намалени од 50 до 70 отсто.

Поради празничниот продолжен викенд, како што можеше да забележи и екипата на „Независен весник“, колони со полни автобуси уште во петокот во раните утрински часови чекаа на граничниот премин Богородица за влез во Грција.

– Секоја година традиционално за Водици одиме на шопинг во Солун. Сега почнуваат најголемите попусти, сѐ може да се купи многу поевтино отколку во Скопје. Кај нас нема попусти како во Грција, а тука има и многу поголем избор. Секако, неизбежно е кафето покрај море и грчкото гиро кое е задолжителен оброк после напорниот шопинг – вели Билјана која е една од многуте скопјанки кои изминатиот викенд беа дел од шопинг-турите во Солун.

Билјана не беше запознаена дека градот се подготвува за протест против промена на името на Македонија.

– Сите продавници и трговски центри работат, ние сме дојдени за шопинг – вели Билјана.
Уште при самото пристигнување во Солун, прва станица се кафулињата наредени на кејот. Денот се започнува со кафе, на сонце и чист воздух, и тука се прави планот како најбрзо да се поминат сите продавници без да се потроши многу време. Веднаш потоа почнува „нападот“.

Бутиците само што ги отвориле вратите, а веќе можат да се забележат редици на касите. Попустите се големи, па се нудат фармерки и за 15 евра, блузи, фустани за 10 евра, маички за 5 евра, чизми и за 40 евра од познатите европски брендови на облека. Веќе напладне продавниците повеќе наликуваат на кинески пазар. Парчиња облека расфрлени на сите страни, сите ги газат, се чека по 20 минути за проба во гардероба, а редиците на касите за плаќање се уште подолги.

Откако ќе заврши обиколката на солунските улици и продавници, „нападот“ продолжува во шопинг-центарот „Космос“, кој се наоѓа на излезот од градот и веднаш до него за домаќински работи е „Икеа“. Тука веќе со последни сили се трошат последните пари предвидени за шопингот. Шопинг-турата завршува некаде околу 18 часот по македонско време, кога се тргнува назад за Скопје.

Големите попусти во Солун завршуваат некаде на средината на февруари, а туристичките агенции се букирани за следните неколку викенди. Интересот на граѓаните е голем.
Цената на еднодневно шопинг-патување до Солун секоја сабота или недела, па се до крајот на февруари, е од 600 до 800 денари за повратен билет со автобус или комбе.
Од туристичките агенции велат дека шопингот во Солун од средината на јануари, посебно за Водици, како да станува традиција.

Александра Спасевска