Македонските уметници се солидаризираат со Грција: Тие ни помогнаа нас за време на земјотресот во ’63


Графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула на неговиот фејбук-профил објави информација дека грчките уметници донирале свои дела како помош и солидарност после земјотресот 63 година, и истите тие дела на 26 овој месец ќе бидат изложени во МСУ, пишува Емагазин.

„Денес Атина ја снајде слична катастрофа еве и еден повик до сите уметници, дизанери да донираме по едно дело и целата колекција да ја испратиме како знак на поддршка и пријателство“, напиша тој во повикот.

Еден ден потоа, Кардула исто така напиша дека позитивно се реагирало на иницијативата за донирање на уметничко дело.

„За да може да се организираме и да биде се како што треба би ги замолил сите уметници кои се заинтересирани за донација да ми потврдат во инбокс. До сега неколку уметници веќе потврдија дека се спремни да донираат. Се надевам дека ќе собереме одлична колекција со која ќе ја покажеме нашата солидарност со грчкиот народ кој во овој момент се соочува со огромна трагедија. Да не заборавиме дека грчките уметници истото го сторија и за Скопје после катастрофалниот земјотрес `63 година“, потсети Кардула.