Македонските и грчките уметници не познаваат поделби и граници
Шест познати грчки уметници и петмина од Македонија инспирирани од убавините на Струга и околината веќе трет ден творат на првата македонско-грчка ликовна колонија „Културен мост“ што се одржува во организација на здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје.
Меѓу гостите од Грција, како што информира за МИА претседателката на здружението „Концепт“ Јасмина Кантарџиева Димков, се петмина сликари и еден скулптор. Додека од македонските уметници има четворица сликари и еден скулптор, придружувани од млади таленти од Струга.
– Уметниците активно работат и веќе создадоа 20-тина дела, кои главно се инспирирани од идејата за културно поврзување на двете соседни земји, што е и главната цел на проектот „Културен мост“. Работната атмосфера тука, во Струга, е одлична и верувам дека ќе имаме прекрасна продукција на нови ликовни дела кои ќе останат како траен производ од оваа колонија, истакна Кантарџиева Димков.
На колонијата учествуваат македонските уметници Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ, Натали Николовска, како и нивните грчки колеги Ангелос Скуртис, Антигони Каввата, Ели Гравалу, Корнилиос Граменос, Марк Хаѕипатерас и Харалабос Кацацидис.
За тоа дека културата и уметноста ги поврзуваат луѓето говорат и учесниците на колонијата. Шќипе Мехмети вели дека не е потребно познавање на јазикот на другиот, туку уметниците лесно може да се изразат преку своите дела. Инспирација во нејзиното творештво е жената и преку графиката го покажува секојдневиот живот на жената.
– Идејата за организирање ваква колонија е прекрасна и се надевам дека во иднина ќе има повеќе слични проекти. Културата и уметноста секогаш ги спојуваат луѓето и немора да користиш јазик кога можеме многу ленсо преку уметност да се изразиме, вели Мехмети.
Слична порака пренесе и грчкиот колега Корнилиос Граменос, кој вели дека за уметниците не постојат граници, ниту држави. Уметниците, според него, се едно и ги рушат сите бариери.
– Сите артисти се еднакви. Креативноста нема граница и што е многу важно уметниците ја отвораат свесноста и животот во генерална смисла на зборот. Бидејќи животот е многу поважен од политиките, истакна Граменос.
Инспирација за неговите дела добива од природата и луѓето, односно свеста кај човекот. Според него, земјата е најважна за нашиот живот.
Утревечер, на летната сцена од Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга македонскиот вајар Исмет Рамиќевиќ ќе го изведе својот перформанс насловен „Змија“, а останатите дела изработени на колонијата ќе бидат изложени на 6 јули во галеријата Чифте Амам во Скопје.
Ликовната колонија „Културен мост“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.