Македонскиот Клуб на парламентарки ги кани грчките парламентарки на соработка


Клубот на парламентарки во Собранието на Република Македонија има две насоки на делување: кон внатре, за поддршка на парламентарките за носење закони во интерес на родовата рамноправност и кон надвор, за поддршка на државата во нејзината меѓународна соработка.

Како прв клуб во регионот, нашиот Клуб на парламентарки со години е пример за жени од други парламенти како може жените да се обединат околу за нив битни прашања, надминувајќи ги политичките, етничките и верските граници. Ние со задоволство сме ги споделувале своите искуства со жени од Црна Гора, БИХ, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Молдавија, Украина, Белорусија, од арапски и африкански земји.

Сме подавале рака надалеку, но сме пропуштиле да се поврземе со најблиските, со жените од Република Грција. Не успеаја досегашните обиди за формирање група за пријателство, но можеби клучот лежи во женски раце. Предлагам да подадеме рака и македонскиот Клуб на парламентарки да ги покани грчките парламентарки на соработка. Ова би била мисија на добра воља и воспоставување трајно пријателство меѓу македонските и грчките жени, а со тоа и меѓу нашите држави.

Ова би било природно продолжение и признание за еден благороден гест од декември 2002 година, кога Грција даде донација за отворање канцеларија на Македонското женско лоби, преку Пактот за стабилност на Југоисточна Европа и Работната група за родова рамноправност, т.н. Џендер Таск Форс (ГТФ). Посредници беа тогашните ко-претседавачи на Работната маса за демократија и човекови права, Александрос Рондос и Игор Џундев, високи претставници на двете министерства за надворешни работи. Двајцата беа присутни и на формалното отворање на канцеларијата.

И додека ние како пратенички славиме јубилеј, редно е да им се заблагодариме на придонесот на многуте жени од Македонското женско лоби кои се бореа за повеќе жени во Парламентот, иако никогаш не станаа дел од него. Тие беа дел од Работната група на Лобито: Oд владата, од невладиниот сектор, од политичките партии, од академската сфера од медиумите, синдикати и индивидуалки

Благодарност и до сите меѓународни организации кои со години го поддржуваат Клубот на парламентарки, посебно NDI, IRI, UN Women и други организации и поединци, граѓани.

ДОМ