Македонска џез-тетика: Изложба и концерт како најава за „Скопје синема сити“


Покрај филмската програма, филмскиот фестивал „Скопје Синема Сити“ најави претфестивалска програма, која вклучува изложба на фотографии на истакнати македонски џез-музичари на Татјана Ранташа насловена како „Македонска џез-тетика“. Како дел од изложбата, свој настап ќе има Квинтетот на Гоце Стевковски.

„Македонска џез-тетика“ е избор од фотографии од различни генерации на македонски џез музичари почнувајќи од Џијан Емин, Гоце Стевковски, Алек Секуловски, па до Симон Киселички, Мишко Парушев и Владан Дробицки, од Трајко Велков, Бојан Шамба, па до Кирил Кузманов, Кирил Туфајхчиев, од Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов, па до Тони Китановски, Кокан Димушевски и многу други.
Татјана Ранташа е реномиран фотограф кој зад себе има над 15 години искуство и тоа најмногу со сценска фотографија. Почнувајќи од 2005 г. таа е официјален фотограф за издавачките куќи како Авалон, Пасворд, МКЦ-концерти, МОТ, Десонанц фестивалот, а денеска е најчесто ангажирана за Оффест и Скопскиот Џез-фестивал, како нивни официјален фотограф.

Настапот на Гоце Стевковски со неговиот квинтет е дел од изложбата. Стевковски е основоположник на Здружението на џез-музичари, организатор на бројни музички џез-каравани низ државата, интегрален член на многу антологиски музички состави и е главен промотор на џез-културата во Македонија.

Изложбата и настапот се дел и од филмската џез-програма на фестивалот. Иако фестивалот почнува со филмот за Руичи Сакамото, сепак на програмата се присутни филмови за „Blue Note Records“: Приказна за современиот џез, „Сан Ра: Братот од другата планета“, „Бил Еванс: Сеќавање на едно време“, кратки филмови за Зоран Маџиров и Драган Ѓаконовски Шпато.

Скопје Синема Сити е фестивал за музички документарни филмови и се организира во Кинотека на Македонија од 6 до 10 јуни.
Претфестивалската програма со изложбата и настапот се со слободен влез, на 6 јуни од 19 часот.