Македонката Дивна, лекарка на Хвар: Ова беше мое прво доаѓање во Хрватска


Дивна Војновска е докторката од Македонија која ќе работи на хрватскиот остров Хвар. Хрватските медиуми деновиве известуваа дека Суќурај конечно доби доктор и дека младата Македонка е единствената која се согласила да работи во амбулантата во малото местенце. Здравствениот дом на Сплитско-далматинската жупанија половина година безуспешно го огласувал испразнетото место за лекар. Во телефонски разговор за Независен весник, Дивна ни рече дека одлучувачко за да замине била повисоката плата и подобрите услови за работа.

„Во Македонија работев 11 месеци како доктор во село Бојане. Имам пријатели во Хрватска, тие ми кажаа за огласот. Овде ми понудија повисока плата, а и амбулантата е подобро опремена“, вели Дивна, која во Македонија имала плата од 330 евра.

За да стигне до месечната плата од 1.000 евра, требало да ја нострифицира дипломата и да доположи уште 8 испити. Бидејќи имала стаж, не морала дополнително да работи пред да полага државен испит.

Била единствената што прифатила да работи дури и откако општината додала и бонус од 50.000 куни или 6,7 илјади евра годишно. Од општината добила и стан на користење.

„Научив хрватски зашто веќе година и пол бев во Сплит. Мислам дека добро се разбирам. Официјално, два дена сум на работа. Добро е. Мирно. Ова е мало место покрај море. Имам околу 300 пациенти. Јас сум доктор за општа пракса“, ни кажа Дивна.

Првиот ден имала 15, а вториот 10 пациенти. Вели, пациентите доаѓале повеќе за да ја видат, да ја запознаат. Доаѓањето за да работи во Хрватска и било прво доаѓање во оваа земја.

Директорот на Здравствениот центар на Сплитско-далматинската жупанија, Драгомир Петриц за хрватските медиуми изјави дека локалната самоуправа сфатила дека не е доволно да се обезбеди сместување на лекарот, па градоначалникот понудил дополнителен надоместок, што дало плод.

„Првпат во историјата на нашиот Здравствен дом доаѓа да работи некој кој не е од Хрватска. Колешката ги исполни сите услови на конкурсот, таа ги положи сите испити, ги доби сите документи”, изјави директорот Петриц.

(А.С.)

фото: приватна архива