Маврово сонува за старите времиња


Продолжениот викенд и три-четирите сантиметри снег што паднаа во саботата вечерта и во неделата утрото, го живнаа Маврово. Туристичката населба која со години живее во спомените за миг потсети на славните времиња кога се бараше кревет повеќе и кога од сите куќи чадеше оган. Денеска, ретко кој се сеќава на тој период, бидејќи во Маврово не се навратува ни по грешка, а главните правци се Копаоник, Боровец, Банско и Пампорово.

А, сепак, мавровската белина има свој посебен белег што го памети и знае секој што барем еднаш ѝ пристапил. Чистиот воздух прави да заборавите на секојдневните обврски, мирот и спокојот ве тераат да се запрашате кои ви се приоритетите во животот, за кого и зошто животот го претворивме во битка за ново утро.

Во Леуново, едно од трите села опкружени од Мавровското Езеро, има 36 жители, но тоа е бројка само за „лична карта“ и за гласање, оти реално таму нема повеќе од десет жители. Главно пензионери што влечат потекло од селото и што одлучиле есента од животот да ја поминат на „раат“. Патот е исчистен, веројатно благодарејќи на хотелот „Радика“, па барем еднаш дневно механизација го средува за да им обезбеди безбедно патување на гостите. Но не помага ниту тоа, четворица скопјани, млади деца, на возраст од дваесетина години, враќајќи се дома, вчера удрија во бандера. Минаа добро, искривено е само едното крило на автомобилот. Неискуство и влажен асфалт, и ете беља.

Драган Спиревски доаѓа барем еднаш месечно во селото. Се жали дека нема доволно вода, но воздухот, климата и амбиентот не би ги менувал за ништо. Низ смеа вели дека го потикнува туризмот во селото со тоа што редовно објавува фотографии на социјалните мрежи.

„Сметам дека прогласувањето на Маврово за национален парк, вклучително и Леуново, не ни направи услуга, напротив… Сега е потребна дозвола за влез во шумата, за рибарење, за сѐ… Шумарите, кои не влечат ниту потекло од селото, одредуваат што смееш да собираш. А, од друга страна, во шумското претпријатие нема ниту еден вработен од селото“, коментира Спиревски.

Во селото има само една продавница. Работи за викендите и за празниците. Сопственикот Андон Јосифовски вели дека тоа што денеска се случува не може да се спореди со минатите години.

„Најмногу зависиме од снегот. Ако има снег, има туристи што доаѓаат да се скијаат. Годинава, како и лани и изминатите години, ситуацијата е очајна. Не е ниту пет проценти од тоа што беше некогаш. Паметам порано ќе го наполнев фрижидерот со сувомесни производи и веднаш се празнеше, сега… За илустрација, порано дневно нарачував по 250 леба, а сега едвај 10-12. Малку е подобро преку лето, тогаш доаѓаат луѓе што престојуваат подолг период, но генерално не е добро. Додајте ги и трошоците за лиценца за алкохол или за обновување на софтверот на фискалната каса – ќе видите дека не успеваме ниту трошоците за придонес да ги исплатиме, а не профит да направиме“, објаснува Јосифовски.

Хотелот „Радика“ е еден од препознатливите знаци на Леуново. Создаден од скопската „Железарница“, беше изеден од времето, но работите се сменија пред неколку години кога бизнисмен од Албанија го купи руинираниот објект. Набргу стигна до хотел од висока категорија, во кој има разни активности: од билјард-сала преку спа-центар до свадби.

„И покрај тоа што нема снег, ние сме задоволни од сезоната. Имаме гости еден куп и искрено, да имавме поголем капацитет, викендов и тоа ќе го пополневме“, велат од „Радика“.

Покрај „Радика“, во селото никна уште еден хотел, кој за две години постоење стана вистински хит меѓу туристите. Во апартманите „Ана Марија“ е полно и во лето и во зима, гости од целиот свет доаѓаат да уживаат во специфичниот мавровски амбиент, гостопримството и домашната храна.

„Започнавме со работа во 2015 година. Располагаме со 14 кревети во две четирикреветни и две трокреветни апартмани. Во изминатите години посетеноста растеше благодарејќи на ангажираноста на семејството и на вработените. Се рекламираме и на ’Букинг’, па имаме посети од целиот свет. Со скромни, но чисти и уредни соби, домашна храна и срдечна услуга, на секој гостин му посветуваме посебно внимание, што се гледа и во вкупната оценка за 2017 година – 8.8. Во летниот период сме посетени од планинари, кои по уредените патеки уживаат во убавините на нашиот крај. Посетеноста во однос на странски и на домашни гости е 80 спрема 20 проценти“, велат од „Ана Марија“.

Оттаму потенцираат дека тешкотии во зимскиот период претставуваат одржување на патиштата поради што се присилени да откажуваат резервации. Тесниот и на многу места оштетен пат од Бунец до Леуново, исто така, придонесува за лош вкупен впечаток на туристите.

„Во последно време е забележен пораст на издавање вили и викендички од приватни лица што претставува нелојална конкуренција. Очекуваме подобрување на инфраструктурата за да можеме да продолжиме со инвестирање во содржините на објектот со цел гостите да бидат уште позадоволни“, заклучуваат во хотелот „Ана Марија“.

Горан Адамовски