Лукаревска: Сите физички лица не се обврзници за ДДВ


Новата Влада нема направено никаква законска измена во поглед на ДДВ, а во постапувањето на УЈП не постои промена по ова прашање. Сите физички лица не се обврзници за цели на ДДВ, напротив станува збор за многу мал број лица.

Ова го изјави директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска одговорајќи на новинарски прашања денеска на Конференција за контролинг во Скопје.

Таа истакна дека бројот на физички лица кои се регистрирани за цели за ДДВ во 2015 година бил 761, во 2016 година бил 1.059, а во 2017 година 1.185. За 2018 година, како што рече, според првичните податоци можам да потврдам дека тој број нема драстично да се разликува од претходната година.

Според неа, интересот на граѓаните е на прво место и затоа кај нив не треба да постои грижа, бидејќи платите независно од висината не се оданочуваат со ДДВ.

– Обврската ги опфаќа физичките лица кои самостојно вршат стопанска дејност, односно вршат испораки на добра и услуги и тоа во континуитет и притоа го надминуваат пропишаниот праг од еден милион денари на годишно ниво, или на месечно ниво остваруваат во просек повеќе од 83.000 денари, не вклучувајќи ја платата, рече Лукаревска и додаде дека независно од остварениот промет, физички лица кои изнајмуваат станови за домување не подлежат на обврската за плаќање на ДДВ. Исто така, додаде дека определени услуги што се вршат кон странски субјекти, на пример програмерски, не подлежат на обврската за ДДВ.

Таа потенцира дека во согласност со регулативата на ЕУ не смее да се прави разлика меѓу физички и правни лица кои вршат промет од иста природа, бидејќи, би се отворил простор за даночно затајување.

– Јавноста е запознаена дека ќе следува даночна реформа. Имајќи предвид дека годишниот фискален циклус е веќе започнат, во следниот период УЈП и Министерството за финансии ќе направат сериозна анализа за реализација на измени од следната фискална година. Измените може да бидат дел од даночната реформа и во правец на остварување на барањата и интересите на граѓаните. УЈП е целосно отворена за јавноста. Стоиме на располагање за консултации, рече Лукаревска.