Лозарите најавуваат штрајк ако не им се плати грозјето предадено во 2015 година


Лозарите најавуваат штрајк ако не им се плати грозјето предадено во 2015 година. Во изјава за МИА, денеска тие нагласија дека ќе го бојкотираат дури и празникот на лозаропроизводителите „Свети Трифун“ кој се смета за нивни заштитник, ако не ги добијат парите. За помош околу решавањето на нивниот проблем, писмено тие се обратиле и до премиерот Зоран Заев, барајќи да се сретнат со него. Вчера се сретнале со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, а за вечерва се договориле повторно да се сретнат околу ова прашање. 

– На лозарите од тиквешкиот регион кои го предадоа винското грозје во Винарската визба Гарланд Агрофуд од Кавадарци во 2015 година, до денес не им е исплатено предаденото грозје. На лозарите не им е исплатено предаденото грозје и од други винарски визби, му напишале на премиерот. 

Лозарите од Здружението „Напредни лозари“, рекоа дека за да го произведат грозјето, имаат направено големи трошоци и вложено многу труд. Производството на грозје и продажба по постоечките цени во Република Македонија, додадоа, е многу малку профитабилно, заради големите трошоци во производството. 

– На ова треба да се додаде и неисплатата на произведеното и предадено грозје. Сето тоа ги доведе лозарите во многу тешка состојба. Лозарите се без пари и не можат да ги поднесат трошоците за производство на овогодишната реколта. Лозарите буквално живеат во беда, нагласија од „Напредни лозари“. 

Рекоа дека сите нивни досегашни обиди да се наплатат парите за грозјето предадено во 2015 година, завршиле без успех.

– Помогнете лозарите да излезат од бедата која ги снашла, му напишале на премиерот Заев.