Ликовна изложба на македонските уметници Емилија и Стојче Тоциновски во Задар


Во атрактивниот галериски простор на Научната библиотека во Задар отворена е ликовната изложба ”У залјеву мора “ на македонските ликовни уметници, уметничката и брачна двојка – Емилија и Стојче Тоциновски, единствените во Македонија и пошироко кои создаваат како ликовно дуо.

Организатор на изложбата е Заедницата на Македонците во Република Хрватска, Задарската жупанија – „Биљана”, додека на отворањето пред бројната публика говореа претседателката на Заедницата, поетесата Мирјана Мајиќ, која е истовремено и претставник на македонското национално малцинство во Жупанијата Задар.

Македонските уметници, ги поздрави и поетот Валерио Орлиќ,оснивач, досегашен прв човек, сега почесен претседател на Хрватското книжевно здружение, како и покренувач на списанието за култура „Книжевно перо“.

Орлиќ е голем вљубеник во Македонија и носител на македонски книжевни признанија. Меѓу другите: „Струшко слово” (2015) и „Слово “ -Битола (2016).

– Емилија и Стојче, во сите свои дека успеале да ги доловат променливите ефекти на морето. Брановите го исполнуваат небото во кружен вител на светлост и вода, така што тие два елементи се соединуваат во нивните динамични дела. Се чувствува елеганцијата на совршенството и мирната тишина. И што е морето, освен совршена апстракција на движења, бои и светлини, во нивниот случај савршено дополнета со охридската староградска архитектура и белите едрилици на азурно синото Охридско Езеро, нагласи Орлиќ.

Авторите, Емилија и Стојче Тоциновски од Скопје, се академски ликовни уметници, од младата генерација македонски ликовни автори, кои создаваат водени од мотивите на нагласените поетски симболи на модерниот ликовен израз.

Емилија Тоциновска дипломирала на Одделот сликарство со модерно креирање, при Факултетот на ликовните уметности во Скопје, во класата на Душан Перчинков.

Учествувала на колективни изложби и ликовни колонии во Македонија и повеќе странски земји, носител е покрај другото, на признанија од Студентската ликовна колонија „Борко Лазовски” и на Десеттиот меѓународен салон за стрип.

Стојче Тоциновски дипломирал на Педагошкиот оддел при Факултетот за ликовни уметности, во Скопје, во класата на Васил Василевски. Магистрирал во класата на Жанети Вангели, додека докторски студии завршил на ЈЗУ Институтот при Институтот за македонска литература, на тема: „Скулптурата во урбаниот простор”. Излагал самостојно во Македонија, Хрватска, Италија и други места.

Стојче и Емилија, покрај во Задар, ќе учествуваат и на Шестата меѓународна колонија „Ријеч у камену”, во Повљана, на островот Паг, од 7 до 10 јуни, во организација на Хрватското книжевно друштво.