Лидија Георгиева, професор и моден дизајнер: Целата моја кариера е успех, а не само Мадона


Лидија Георгиева, професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и реномирана модна дизајнерка, со богато модно портфолио кое го има создавано меѓу Париз и Скопје. Урбан лик од културните и модни случувања низ Скопје. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, работи во познатата париска куќа за висока мода „Балман“, а потоа и кај „Рошас“. Од работата во големите модни куќи го наследува сензибилитетот кон рафинирани материјали и луксузна изработка. Нејзините колекции се состојат од мали серии или уникати рачно изработени модели, печатени, везени или плетени. Креира и костими за театар и за модерен балет.

Актуелна беше со модната изложба „Новиот бран“ во Францускиот институт, која носи спој на француската кинематографија и мода. Со студентите од ТМФ учествуваш на Модниот викенд во Скопје со истата изложба, на „Фешн и лајфстајл“ ја промовираш третата колекција од брендот „Искра и Лидија блупринт“… Дали сама си наметнуваш работни обврски или такви беа околностите?

– Хаха, добро прашање. Ако почнеме од јануари 2018 година, првиот настан беше хуманитарната ревија на „Мрдни со прст“, во која собравме повеќе од 1,5 тон облека. Потоа, покрај моите обврски како професор на факултет, следуваа и гореспоменативе настани. Навистина уживам во работата, имам доволно идеи и енергија за сето ова, се случува луѓето да ме бараат со понуда за работа, но се случува и јас да ги креирам настаните, особено ако ми светне сијаличката за потенцијал на ново искуство.

Која област моментно ти прави најмногу ќеф, а која најмногу работа?

– Во моментов сум многу зафатена со дизајн на театарски костими. На 20 април имам премиера во Драмски театар, а на 21 во МНТ. Двата текста се интересни, режисерите одлични, а предизвикот е голем, бидејќи има еден куп околности кои ми ја отежнуваат работата. Не би знаела да ти одговорам што најмногу ме привлекува како област за креација, но можам да ти кажам дека отворив и некои нови неистражени патеки, разговорите се започнати.

Што е за тебе врв на твојата кариера?

– Кариера и успех се термини што кај нас се толкуваат на провинциски начин. Ретко се согласувам со локалните критериуми, па сметам дека целата моја кариера е успех, а не само фактот што Мадона купи моја креација пред осум години во Париз. Секој ден може да биде врв, тоа никогаш не може да го знаеме – погледнете го само филмот на Вендерс „Буена виста соушал клаб“, тој ги врати на сцена великаните на кубанската музика, па и во Скопје ги гледавме на џез-фестивал или, пак, приказната за Сиксто Родригез, каков голем и инспиративен лик! Неодамна МТВ снимаше документарец за мојата работа, на слично прашање им одговорив „Која е за вас поуспешна Мерил Стрип или Ким Кардашијан? “

Со својот бренд за ентериери сигурно чекориш во создавањето на свое место на сцената на дизајн за дом. Како се случи таа приказна?

– Како дизајнер лоциран во Париз, седум години работев лиценци за „Скутер“ од Јапонија. Во тенденциите и темите што ги конципирав за нив двапати годишно, самоиницијативно вметнував и архитектура и уредување на домот. Тие многу беа задоволни со тоа бидејќи на тој начин можеа навистина да ја разберат идејата за одредена тема која треба да прерасне во колекција, која патем речено јас ја цртав.

Не знам кога точно почнавме да разговараме со Искра за заедничките интереси, но иако имаме различен профил, вкусот и критериумите ни се заеднички. Способни сме за многу повеќе и се надевам дека ќе успееме да го покажеме тоа.

Што е актуелно во оваа сфера? Што ти е најважно кога уредуваш ентериери? Што најмногу се бара во Македонија (или ако работиш и за странство).

– Во моментов, на ниво на глобални тенденции, минимализмот постепено ја напушта сцената и остава простор за брутализмот или, напротив, за комплицирани и богати амбиенти инспирирани од светското културно наследство. Тоа што нас нѐ интересира е да дадеме персонализирана услуга, без разлика дали е консултација, дизајн на одреден предмет или дел од простор.

Те нема подолго време како самостоен дизајнер со своја колекција. Зошто?

– Јас редовно правам нови мини-колекции, но не ги презентирам со ревија. Наскоро ќе ме има и на тој начин, поминувам низ интересен процес.

Бидејќи во Париз имаш работено во модни куќи на висока мода како „Балман“, „Рошас“… дали во Скопје го чувствуваш притисокот од обврските?

– Не ми прават притисок обврските, повеќе се работи за губење време поради недостиг на професионалност.

Има тектонски промени во светските модни куќи, во однос на креативните директори. Дај ни од прва рака информации на што се должи тоа? Нормална работа или…?

– Овој процес започна уште во раните 90-ти, кога луксузните модни куќи почнаа да се будат од сонот. Тогаш комплетно се сменија дефиницијата, очекувањата и работните обврски на дизајнерот (впрочем, дотогаш се викаше моден креатор и сл.). Денес само ги гледаме последиците од тоа квантитативно, наместо квалитативно вреднување. Креативната работа не оди секогаш во склад со таа состојба и дизајнерите во еден момент навистина веќе не сакаат да се дел од таков систем, особено кога премногу ќе ги исцицаат своите креативни способности, во еден и само еден интерес – финансиски. Лично, јас затоа и преферирам да останам независна и да одам по тенка гранична линија меѓу шоу-бизнисот и вистинската креација.

Колку за еден дизајнер е битен талентот, а колку високото образование? Што го прави еден дизајнер врвен, и да добие ангажман во Париз, Милано, Лондон, Њујорк…?

– Талентот секако, но честопати талент е и снаодливоста во секоја смисла на зборот. Што се однесува до образованието, не сум баш обожавател на самосоздадени дизајнери без ликовна и визуелна подлога ниту, пак, искуство во некоја модна куќа. Многу е важно каде ќе учиш, без разлика дали е занает или само креација.

Колку е битно модата да биде нослива, отколку да изгледа како музејски експонат од кој ви запира здивот?

– И двете се битни, зависи дали се облекувате само од потреба или сте пасионирана публика, но во тој случај не само за мода, туку за дизајн генерално. Гледајте го „Првиот понеделник во мај“, навистина го препорачувам.

Дали модата во Македонија е уште во почетна фаза?

– Не знам која е фазата, но има и одлични и очајни работи. Тешко ми е да го пренесам постоењето на цел еден паралелен универзум, кој изгледа дека овде никогаш нема да се случи, а мал е бројот на луѓе со кои можам да разговарам на таа тема.

На што го трошиш слободното време?

– Ех, здодевен одговор ќе ти дадам, но така е – на дружба со драги пријатели, на патување, на уживање во добра храна, на култура секаде каде што ќе ја најдам, живот е убав…

Лејла Сабит   Фото: Борис Грданоски и приватна архива