Лефтер Андонов назначен за управител на СИЗ „Македонија сообраќај“-АМЕРИТ


Лефтер Андонов е назначен за управител на Стопанската интересна заедница за патен транспорт СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ, со одлука на Собранието донесена на 28. минатиот месец, со мнозинство гласови на членовите – основачи на асоцијацијата, соопшти денеска транспортната асоцијација.

Андонов на управителската позиција на АМЕРИТ го наследи Емил Милев, кој ја раководеше асоцијацијата од 2014 година.

Андонов е дипломиран економист. До неодамна беше советник за транспортна политика во Кабинетот на премиерот Зоран Заев, каде беше задолжен за застапување и координација со бизнис-заедницата, како и за подобрување на состојбите во транспортниот сектор во државата. Неговите претходни позиции вклучуваат и управување со транспортната компанија и групација „Тритерол Груп“ од Струмица, чија основна дејност е превоз на патници во државава и во странство.

Андонов најавува соработка и активности со надлежените институции и чинители на пазарот со цел поуспешно и непречено работење на транспортните компани.

– Голем предизвик за мене е да продолжам да ја водам нашата најстара транспортна асоцијација по успешниот пат, заеднички и со здружени сили со одличниот тим на вработени, но и со членките, на чие омасовување ќе работиме постојано. И чија доверба, верувам, ќе ја оправдаме, при што редовно ќе инсистираме на непосредна соработка со надлежните органи во државата, а пред се со Министерството за транспорт и врски, МВР, со Царината, инспекциските и други органи. А се со цел за поуспешно и непречено работење на транспортните компании во Македонија, вели Андонов.

Собранието на АМЕРИТ на февруарска седница избра и нов раководен состав на Собранието, како и на Извршниот одбор.