Летот Атина – Скопје нема само политичка симболика


Новата авиолинија меѓу главните центри на Грција и Македонија нема само политичка симболика. Очекувањата се дека ќе биде одржлива и ќе значи поттик за туристичките врски меѓу двете земји. На скопскиот аеродром во четвртокот вечерта, по 15 години прекин на редовниот сообраќај меѓу двете земји, слета Ејџиан ерлајнс од Атина.

„Воведување на нивниот лет за туризмот многу значи. Агенцијата очекува да се зголеми бројот на патувања и бројот на грчки туристи за кратки претстои за празници, за бизнис патувања и за инвестиции. Ова нè охрабрува да кажеме дека ова е првиот чекор кон подобрување на туристичката клима и соработка помеѓу двете земји“, ни изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризам, Љупчо Јаневски.

Директни летови меѓу Атина и Скопје ќе има секој вторник и четврток.

„Оваа нова линија доаѓа со цел да ја задоволи побарувачката на пазарот, и не само за да ја опслужи бизнис-заедницата, туку и за грчката заедница со седиште во Скопје. Се надевам дека оваа услуга ќе биде успешна и новите директни летови ќе ја постават сцената за нови можности за трговија, туризам и културна размена меѓу двете земји. Сигурен сум дека новите летови исто така ќе придонесат за проширување на соработката меѓу двете земји, на начин од кој придобивки ќе имаат двете економии“, изјави Панос Николаидис, директор за земски операции во Ејџиан ерлајнс, додавајќи дека планираат да летаат една година, а потоа поконкретно ќе можат да зборуваат за одржливоста на линијата.

И министерот за транспорт и врски Горан Сугарески не очекува дека и овој пат, поради неисплатливост како во 2003, авиоврската ќе биде прекината. Од ТАВ Македонија очекуваат директната авиолинија меѓу Скопје и Атина да биде кориснa за целокупната туристичка индустрија, бидејќи „двете земји имаат многу да понудат во поглед на природни убавини, занимливи и атрактивни места кои туристите треба да ги посетат, откријат и истражат“, рече Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Ејџијан ерлајнс е најголемата авиокомпанија во Грција и членка на „Стар алијанс“. Моментално сообраќа до вкупно 153 дестинации, 33 домашни и 122 меѓународни, во 44 држави, со 16.600.000 седишта достапни на 61 воздухоплов во рамки на една од најмладите флоти во Европа.

(А.С.)