Легендата Драган Б. Костиќ најангажиран пред Нова година: Ретрото е во мода


Легендата на македонскиот радиоетер Драган Б. Костиќ (67) е најстариот активен радиоводител со секојдневни едночасовни музички колумни кои се емитуваат на четиринаесет радиостаници во Македонија. Без сомнение и највозрасниот активен диџеј во земјава. Музичкиот новинар, кој повеќе од две децении нè забавуваше и едуцираше за музиката со радиоемисиите „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“, деновиве е најангажиран како диџеј по приватните забави.

Новинар или диџеј?

– За да станам новинар, и покрај семејната графичарска традиција (дедо ми 1919-та ја отворил првата печатница во Македонија), морав да привлечам нечие внимание во таа професија. Најдобар начин, со желба да бидам водител-новинар, беше влез во радиото. Кога речиси случајно ми се укажа шанса во 1972 година, ја искористив. Но за да ги пропагирам радиските проекти, најдобар начин беше работата како диџеј. Во живо, пред публика да ја провериш популарноста на она што го работиш како радиоводител. Бев првиот кој зборува во клубовите, на начин кој за овие простори беше неприменет, темпераментно, динамично, кратко, што на публиката ѝ беше чудно, но ѝ се допаѓаше. Со време двете професии, радиоводител-новинар и диџеј стануваа една. Неделива. Така, сполај му на Господа на здравјето, јас сум најстариот активен радиоводител со секојдневни едночасовни музички колумни кои се емитуваат на четиринаесет радиостаници во Македонија, и без сомнение и највозрасниот (грдо звучи најстариот) активен диџеј во земјава.

Некако за Нова година најмногу ве има во јавноста како диџеј на приватни забави, а за најлудата ноќ исто така сте ангажирани во МНТ. Дали оваа професија ве инспирира како на почетокот?

– Јас сум Близнак во хороскоп, и секој што го познава знакот ме препознава и мене во него. Темпераментот не ми дозволува губење време. Во исто време работам по неколку работи без да ми пречи нивната дури и дијаметрална спротивност. Новогодишните и божиќните празници се време на засилена активност на сите естрадни луѓе, па така и моја. Времето наметна нови категории, нови вреднувања и човек мора да се обиде да се приспособи. По природа сум традиционалист, верувам во темелни вредности, имам многу одамна поставено квалитетни параметри од кои не отстапувам. Луѓето што ги почитуваат истите, верувајќи во сигурниот избор, ме ангажираат, а јас го правам тоа на најдобар можен начин втемелен врз децениското искуство. Оваа година прифатив да бидам дел од една добра екипа во МНТ и сигурен сум дека таму ќе има врвна забава, но да не се заборави (а заборавни сме), јас сам три последователни години, за Нова година, го полнев до максимум хотелот „Континентал“. Предизвикот секогаш постои. Кога не би го имало, што би те терало напред? Како би освојувал нови генерации?

Како и натаму би ми велеле: Еј, ти си од нашето време! А тој помлад од мене триесетина години!

Како ја избирате музиката?

– Кога одам на диџеј-сетови, носам стотина претходно подготвени дискови кои го содржат она што различни категории на публика генерално го познаваат. И го пласирам во погоден момент на расположба, обидувајќи се да задоволам (а што е многу тешко), повеќе вкусови, од сѐ по нешто кое на крајот остава впечаток на една целина, искажано со насмевка на луѓето кои одејќи си од забавата ми ги упатуваат. Што е најмоќен знак дека целта, заради која постоиш, ја остваруваш повторно. На радио е поинаку. Зависи од емисијата што ја работам. Последниве три години ја работам емисијата „Кавервил“, наједукативниот проект во мојата кариера, преку кој на забавен и информативен начин им ги приближувам на различни генерации песните и пред стотини години стари, низ нивни кавер-верзии низ времето до денес докажувајќи и покажувајќи дека нема стара и нова музика, туку само добра и лоша.

Која музика клиентите најмногу ја бараат?

– Прво, не работам според желби, доколку тоа не е однапред подготвен проект. Подготвен сум, како ретко кој, за сет од кој било период во изминативе речиси стотина години, без оглед на географска одредница на музиката (италијанска, германска, француска, за англиската и американската и не станува збор), но не и за секој жанр, без оглед колку бил актуелен, а доколку мене од кои било причини не ми се допаѓа. Почитувам, но не преферирам хип-хоп, (генерално) рап, модерен таканаречен аренби (или ритам и блуз), за тоа постојат други диџеи со таква програмска определба. Луѓето најчесто се врзуваат за музиката од осумдесеттите, која во сите сегменти била доминантна, низ овие дваесетина години по нив, па дури и на свадбите (кои се денес модерен тип забава, на какви често сум ангажиран), родителите (кои младоста ја раснеле во осумдесеттите) и нивните деца – младенците и нивните пријатели, ја имаат како своја.

Како ја оценувате музиката денес – и светската и домашната?

– Деградација на создаденото во минатото, стереотипност во секој сегмент, од музичка конструкција, продукција, сценски настап до ритмика, текст, трендовска безличност. За што во секој случај е на свој начин виновен технолошкиот напредок, кој оди побргу од свеста на луѓето. Особено кај скороевци како кај нас. Ние би имитирале сѐ, па дури и ако треба и женски гаќи на глава би ставиле наместо капа ако тоа е ин, фенси, модерно. Чекорот е чекор само кога е нормален. Ако брзаш, што не си пошол порано? Држи го со другите, ама не заборавај, тие не го уриваат постојното, туку го надградуваат. Затоа и напредуваат, а ние секогаш од почеток. Повторно и повторно. На пример: „Не ми треба мене радио, имам на Јутјуб!“ Да, затоа и мораш на интернет да провериш колку е два плус два! И затоа момците како Ед Ширен успеваат. Како еден од добрите, на деведесет и девет лоши!

Која музика и кои пејачи вие лично сакате да ги слушате?

– Сѐ што е добро, не правам разлика во тренд или време. Не ми прави проблем да уживам во традиционален или модерен џез, уживам во модерниот, новиот соул кој влече корени од стариот, во ритам и блуз, блуз, моќен рок (во која било категорија да е набутан, а ги има… човек не може веќе да се снајде во таа вештачка категоризација по фиоки).

Што работите моментно и кои се вашите идни планови?

– Ах, што не работам? Пишувам три книги едновремено (една би ми било здодевно), секој ден подготвувам по една емисија „Кавервил“, која им се дистрибуира на четиринаесет радиостаници во Македонија со цел секое од локалните радија да ја има на својата програма како дел од проектот Да го вратиме радиото во секој дом, и затоа не се емитува на ниедна радиодифузна станица со национална концесија, за локалните радија да ја поставуваат во термин кој најмногу им одговара на слушателскиот менталитет во одредени региони, тоа е отприлика дневно пет страници од некоја книга, досега преку седумстотини емисии „Кавервил“, само по себе. Тоа се три-четири тома од таква книга, работам на проектот 100 песни 100 приказни, еден сегмент од историјата на македонската популарна музика, огромен проект од национално значење, кој бара голем ангажман, но за жал и спонзорска поддршка за која тешко се пронаоѓаат вистинските, а молењето и убедувањето дека оние што во тој естрадно, културен сегмент ја креирале или ја познаваат, полека си заминуваат, па еден ден ќе стасаме дотаму (како и за други работи) други да ни ја пишуваат, се изморив, и се препуштив на верувањето дека државата (низ своите за тоа одредени институции) ќе сфати дека е тоа нејзина обврска.

По што ќе ја паметите 2017 година?

– Не по многу, деновите толку бргу минуваат, со нив и годините, што човек веќе со сигурност не знае дали нешто било оваа или минатата година. Во светски естрадни рамки (во другите не се плеткам), си заминуваат полека хероите на мојата младост (колку долго и да трае и да си Петар Пан за многу генерации), новите се премалку да ги заменат старите… Ќе ја паметам како една во низата. Веројатно одлика на возраста.

Што ќе си посакате во 2018 година?

– Здравје, лично, на моите најблиски, пријателите и нивна среќа. Во рамките на можностите на времето.

 

Лејла Сабит