Леброн ДПМНЕ


Петар Арсовски

Полесно Леброн Џејмс и Роналдо ќе свртат страни и ќе се префрлат во драматично нова средина, одошто ВМРО-ДПМНЕ да се соочи со реалноста и со неопходноста од нов партиски наратив. Сериозно, мислам дека дечките ги изгубивме некаде по пат. Најголемата опозициска партија, која е клучна за нормално функционирање на демократскиот дискурс, остана целосно заглавена во својата темна дупка и како низ клучалка, со политички речник на завист и кукање, го ѕирка остатокот од општеството.

Тоа, пак, има пречекорено некаков ментален и цивилизациски праг од кој по сè изгледа нема назад, а тие изгледаат како да се оставени во својата интерна зона на самракот, во некаков паралелен свет, кој со текот на времето станува сè повеќе оддалечен, одлепен од реалноста на политичките процеси во државата. Мислам дека јазот помеѓу геополитичката и општествената реалност и изместената, малку не баш „со сите“ реторика на опозицијата само ќе се зголемува. Ако продолжи ова или ќе се разјадат внатре и нивната интерна битка помеѓу трезвените и оние „поинаквите“ ќе ги разјаде, или ќе станат целосно депласирани и политичкиот пазар ќе изнедри нова опција, или повеќе нови опции.

Малку понормално изгледа ова обраќање на Христијан Мицкоски со кое ги повикува граѓаните на протест – таму доминираат економски теми, реални прашања, егзистенцијални пораки. Ова е можеби поразумниот наратив на партијата, во кој се гледа дека има инпут од некаква комуникациска стратегија. Таквата стратегија би требало правилно да посочи дека за опозицијата е логично да ги избегнуваат темите како онаа со името и надворешната политика, дури и ако тие навидум изгледаат податливи, зашто тоа се губитнички оски за ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека токму на тие прашања власта стои најдобро.

Напротив, логично е да се фокусираат на економијата и социјалните проблеми, на кои засега имаат релативна предност, односно чисто поле за „делкање“. Сепак, мислам дека овој вид пораки во моментов се во малцинство во таа партија, имајќи предвид како комуницираат другите челници, па ако сакате и ним блиските медиумски експоненти, кои изгледаат целосно заглавени во една антизападна, националистичка, ксенофобична реторика, која само дополнително ги оддалечува од вистинската дебата.

Мислам дека оваа поделба ќе се рефлектира и на односот на партијата кон референдумот. Што повеќе ги слушам, тоа сум поубеден дека за нив бојкотот ќе остане најпривлечна опција, освен ако не се случат драматични промени внатре.

Еве зошто мислам така.

Прво, мислам дека Мицкоски (кој во овој случај изгледа како глас на разумот и бега од темата за името), дури и да сака, нема да може да ги изнесе сите гласачи на ВМРО-ДПМНЕ на референдум. Поделбата во самата партија ќе направи, дури и да имаат шанса, опозицијата да не собере сили да се обиде да ја надгласа власта. Така, имајќи предвид дека ултрадесничарите во тие редови одбиваат каков било договор, Мицкоски ќе се соочи со два избора: или на референдумот ќе биде сериозно надгласан (што потоа внатре во партијата ќе му создаде инстант пекол), или ќе го бојкотира, криејќи ја така сопствената немоќ. Јас мислам дека ќе влече накај второво.

Потоа, ако се погледнат пораките кои струјат во јавноста, изгледа дека во ВМРО-ДПМНЕ веќе одлучиле дека нема да учествуваат на референдумот, па сега вртат некакви тези околу опциите за референдум и како ниедна не била чесна: или ќе немало референдум или ќе се сметале резултатите без оглед на излезноста. Значи, според нив, тие немаат добитна опција. Затоа, тие тврдат дека во ниеден случај немало да учествуваат во такво сценарио.

Проблемот е поедноставен, но посуштински: тие нема да учествуваат, зашто нема сценарио во кое би имале повеќе гласови. ВМРО-ДПМНЕ не може, на каков било референдум, да собере повеќе гласови против договорот, одошто СДСМ може со своите партнери да собере гласови „за“. Ова е особено така затоа што и во нивните редови дел од членството нема да го слуша раководството. Оттаму, тие не смеат да дозволат таквите сознанија да станат јавни, што би ги осакатило политички. Значи, имајќи предвид дека на каков било референдум, опцијата која ја застапува СДСМ (за договорот) би имала далеку повеќе гласови одошто опцијата која ја застапува ВМРО-ДПМНЕ (против договорот), ВМРО-ДПМНЕ нема шанси да игра во сценарио во кое фер ќе се избројат опциите, бидејќи тоа за нив е однапред зацртан пораз.

За нив остануваат опциите да бојкотираат, да не ги признаат резултатите, што било освен признание дека нивната опција во моментов е во малцинство. Ако на тоа го додадеме фактот што овој проект нема да застане, бидејќи е преважен за иднината на регионот, доаѓаме до суштинската колизија помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и реалноста. Во таа борба, реалноста ќе победи, а партијата или ќе се трансформира кон таа реалност или ќе се подели на повеќе фракции, секоја со своја реалност.