Лебот поскапе за три денари


За десет до 20 отсто или од 15 на 18 денари е зголемена цената на некои видови леб. Причината за ваквиот потег, според мелничарите, е поскапувањето на пченицата и брашното од жетвата досега за 40 проценти.

Министерството за земјоделство не е контактирано во врска со поскапувањето. Mинистерот за земјоделство Љупчо Николовски вели дека, состојбата ќе се следи и ако дојде до драстично зголемување на цените и на другите видови леб ќе се интервенира преку Агенцијата за стоковни резерви.

-Како што не известија денеска претставниците од мелничко-пекарската индустрија, ова зголемување е поради растот на цената на брашното и цената на пченицата која е берзански производ. Министерството ќе ја следи состојбата и ако дојде до драстично зголемување на цените и на другите видови леб што би влијаело врз поскапување на животниот стандард, ќе се интервенира преку Агенцијата за стоковни резерви која во ек на жетвата направи јавна набавка на 13.000 тони пченица, истакна Николовски.

Горан Малишиќ, пак, од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија објаснува дека поскапувањето на лебот е индивидуална одлука на некои мелничари, поради што не се знае дали и други ќе направат ваков чекор.

-Одредени фирми, односно пекари, одлучиле да ја зоглемат цената за десет до 20 отсто или за околу два денара. Се работи за бел леб, а причината е тоа што од жетва наваму цената на пченицата и на брашното е зголемена за околу 40 отсто. Тоа е главниот импакт што не можат да го издржат. Би нагласил дека одлуката на секоја фирма е поединечна зависно од нејзината конкурентност, профит и други фактори, истакнува Малишиќ.

Негов став е дека последниве година – две во Македонија имаше многу евтин леб, од 13 до 15 денари.

-Тоа веќе не се издржува зашто се е поскапено, енергенси, брашно, пченица. Поради тоа и некои компании одлучиле да реагираат вака, додава Малишиќ.