Лауда веќе може да дише сам по трансплантација на белите дробови


Австрија– Легендата за автомобилскиот спорт Ники Лауда се опоравува многу брзо по трансплантацијата на белите дробови.

Лекарите од клиниката каде веше извршена операцијата денеска соопштија дека трикратниот светски шампион во Формула 1 веќе нема потреба од помош при дишењето.

– Само 24 часа по операцијата Ники Лауда беше целосно свесен. Беше отстранета помошната цевка и веќе дише самостојно, се вели во заедничката изјава на лекарскиот тим од виенската Општа болница и Медицинскиот универзитет од Виена.

Во соопштението се додава дека сите органи во телото на Лауда добро функционираат.

Лауда, кој беше во одреден период и управен директор на тимот на Мерцедес во Формула 1, беше подложен на операција во четвртокот, откако лекарите сметаа дека нема друг начин да се отстрани вирусната инфекција.

Шеесет и деветгодишниот Лауда има сериозни здравствени проблеми откако при несреќа за време на трката во август 1976 година се запали неговиот болид.

Лауда, кој е шампион од 1975, 1977 и 1984 година, потоа почна да работи како авиопилот и формираше сопствена авионска компанија „Лауда Ер“. Тој исто така беше коментатор и телевизиски аналитичар.