Лажните информации – следен предизвик за Европската Унија


Еврокомесарката за дигитално општество, Марија Габриел ги прими денеска препораките на експертската група задолжена да разработи план за борба против лажните информации на интернет.

Глобалниот феномен на лажните вести, обелоденет по последните американски избори, се повеќе ја загрижува Европската Комисија (ЕК) во пресрет на европските парламентарни избори кои треба да се одржат во 2019-та. Според последниот Евробарометар, кој го мери јавното мислење на граѓаните на ЕУ, овој феномен ја загрижува и пошироката европската јавност.

Осумдесет и три отсто од европските граѓани сметаат дека лажните информации претставуваат закана за демократијата. Мнозинството европски граѓани немаат речиси воопшто доверба во онлајн медиумите, радиото ужива највисока доверба со 70 отсто, телевизијата 66 отсто, а печатените медиуми 63 отсто.

Во тој контекст европската независна експертска група денеска и презентираше низа препораки за борба против овој феномен како што е поттикнувањето на медиумската писменост, развојот на алатки кои ќе им овозможи на новинарите да се справат со лажните вести, како и зачувувањето на европскиот медиумски диверзитет.

Извештајот бара и воспоставување „Код на принципи“ за онлајн платформите и социјалните медиуми, што содржи барања како транспарентност во однос на начинот на кој алгоритмите селектираат и рангираат информации. Од платформите се бара и јасна дистинкција помеѓу спонзорирани содржини и другите видови информации.

Напролет Европската комисија ќе објави документ во кој ќе ја образложи европската стратегија за борба против лажните вести и дезинформациите он-лајн. Документот ќе биде заснован на овој експертски извештај како и на широка јавна консултација.

Тој документ ќе се однесува на земјите членки на ЕУ, но не и на земјите кандидати.

– Мораме прво да исчистиме во сопствениот дом, а потоа ќе го отвориме прашањето со сите наши партнери, изјави комесарката Габриел за МИА.

Европските институции имаат одделно тело за борба против дезинформациите кои произлегуваат од Русија, East Stratcom Task Force.