Курц: „Гугл“ и „Фејсбук“ треба да плаќаат данок каде што остваруваат профит


„Гугл“, „Фејсбук“ и другите интернет компании се активни и остваруваат заработка во Австрија и во другите земји што е легитимно, но би требало и да плаќаат данок во тие држави, изјави лидерот на Австриската народната партија (ОВП) и кандидат за иден анстриски канцелар Себастијан Курц.

– Во моментов како во цела Европа, така и во Австрија, постои ситуација профитите, особено во дигиталната област, често да не бидат оданочувани онаму каде што се остварени, објасни Курц.

Тој најави дека при коалициските преговори со Партијата на слободата на Австрија (ФПО) е договорено да се предложи интерент компаниите да го плаќаат данокот во онаа земја каде ја оствариле заработката.

Курц посочи дека целта е да се најде европско решение, а доколку не дојде до тоа, Австрија ќе преземе сопствени мерки.