Кривична пријава за поранешен командир на Полициска станица во Валандово
Струмичката полиција до Основното јавно обвинителство – Гевгелија поднесе кривична пријава против З.Б. (52) од село Раброво, Валандовско.
Тој се сомничи дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ затоа што како командир на Полициската станица во Валандово од ЈП „Македонски Шуми“ – Подружница „Саланџак“ од Валандово во повеќе наврати нарачал вкупно 51,1 кубни метри огревно дрво во вредност од 188.932 денари.
Според Хризантема Рендевска, портпарол на СВР Струмица, осомничениот, поради тоа што во кругот на Полициската станица Валандово немало простор за складирање на наведената количина, заради залиха на огревни дрва од претходната грејна сезона 2013/2014 година, З.Б. наредил дрвата да се истоварат во склад во приватна сопственост на лице од Валандово.
– Притоа, не била изготвена документација за предадената количина на огревно дрво. Огревното дрво останало во складот и не било искористено за потребите на Полициската станица Валандово, имајки во предвид дека парното греење на Полициската станица Валандово, кое за загревање користело огревно дрво, на 10 февруари 2015 година прекинало со работа и оттогаш огревно дрво за греење не се користело. Било вградено ново парно греење кое користи нафта, информираше портпаролот Рендевска.
Според МВР, поранешниот командир со тоа ја злоупотребил службената положба и овластување кое му било дадено од страна на министерот за внатрешни работи и го оштетил министерството за износ од 134.052 денари.