Креаторката Христина Деспотовска отвара агенција за организирање настани


Модната дизајнерка Христина Деспотовска е пред нов професионален предизвик – отворање агенција за организирање настани.

– Седумнаесет години фантастичното искуство во соочување со секаков вид предизвици доведе до она што денес почнувам да го работам. Како тим со уште две фантастични, искусни и упорни девојки ја почнуваме работата со нашата агенција за организирање настани, од концепт до крајна реализација… Сонувач сум, често со налудничави идеи кои некако ми се остварувале… имам голема слика и сигурна сум дека „Ивент стори“ ќе биде многу поразлично од сѐ досега – вели Деспотовска.

По завршувањето на ФЛУ и престојот во Лондон во Сент Мартинс, почнала да работи како костимограф, асистент костимограф и самостоен моден дизајнер, за кратко потоа да ја добие можноста да биде дел од „Кара“ (тогаш единствениот македонски моден бренд), поточно била почетокот на „Кара“ како бренд и како концепт.

– Тоа беше и едно од моите најголеми искуства, бидејќи освен дизајнирањето на колекциите, бев и „купувач“, пронаоѓав купувачи, продажни места и производители, во и надвор од државата, заштитни лица, ги декорирав излозите и дуќаните за секоја колекција посебно, осмислував настани и ревии и ги организирав до секој детаљ, исто како и за сите модни едиторијали кај нас и Србија, праќав и пишував текстови за брендот итн. Си го сакав секој момент од работата, посебно со комуникациите се стекнав со огромно богатство од знаење… „Кара“ бев од самиот почеток до крајот…

Веднаш потоа во истата компанија добила друг предизвик… идеја и дизајн на хотел (со комплетно организирање на работите и нивен надзор)… кој сега е ребрендиран повторно по нејзин дизајн…

– Искрено, на почеток ми беше страшно како ќе се преминам од моден дизајн во нешто друго, меѓутоа очигледно предизвиците ми се она што најмногу ми лежи. Многу сакам кога некој ќе ми рече дека нешто е невозможно… Тогаш е најслатко. Во меѓувреме се калев и за секаков вид организација, од градење до отворање објекти, организирање изложби, настани, ребрендирања и градење нови концепти – раскажува Христина.

Бидејќи секогаш мора да прави неколку работи одеднаш, а и некако си ги споила патувањата и фотографирањето, па во моментов е и блогерка на thedreamtraveler.blog, а сѐ уште си го води модниот бренд „Деспот“.

– Главата ми е полна со милион идеи. Скоро секое утро го започнувам со трчање, кое ми доаѓа и како некаков вид медитација, па тогаш ми е и најубавиот момент да си ги средам идеите и да си го направам концептот – вели Деспотовска.

Лејла Сабит