Креаторката Антонија Ристовска за стилот на Евросонг 2018: Марија од „Ај кју“ беше заробена во оклоп


Стилот на учесниците на годинешниот 63. Евросонг во Лисабон, Португалија, беше разновиден. Од едноставни креации до мегаломански стајлинг. Дел за пофалби, дел за критики.

Вокалистката Марија од „Ај кју“, нашиот претставник во Лисабон, собра негативни критики од домашната и европската јавност. Нејзиниот стајлинг го потпиша Милена Танаскоска.

Каков беше досега македонскиот евровизиски стил?

Владо Јаневски облече класичен костум, додека придружните вокали му беа во етностил. Балскиот крој на здолништето на Каролина пред 2002 година и потоа не беше забележан на Евровизија. Во Хелсинки, Финска, беше во зелено фраерско и едноставно мини-фустанче. Тоше Проески во белиот кожен мантил беше како Елвис Присли, Мартин Вучиќ беше облечен како секој ден, на Елена Ристеска најмногу ѝ се забележуваше за гламурозните коса и шминка во однос на жешките панталончиња…

Како дизајнерката Антонија Ристовска, која лани ја облече нашата претставничка Јана Бурческа во Киев, и со над 24 години искуство на модната сцена го оцени стилот на Евросонг 2018?

– Ми беше чест и задоволство да го подготвам сценскиот костим за нашата Јана Бурческа лани за Евросонг. За костимографијата бев инспирирана од нејзиниот млад дух, од кореографијата на песната, од сцената и секако од духот на Евросонгот. Се очекува креацијата да го задоволи визуелниот ефект во целост, но во исто време таа во креацијата да има слободни движења на сцена. Тоа го постигнавме, и на мое задоволство за креацијата на Јана имаше одлични позитивни критики, вели Антонија.

Годинава на Евросонг впечаток ѝ остави претставничката на Кипар.

– Модерна варијанта на сценски костим, со огнен ефект, во кој згодната Елена имаше беспрекорни движења. Во исто време со кожните ракави на комбинезонот имаше и еден урбан модерен изглед – оценува Ристовска.

Претставничката на Белгија, Сенек посебно ѝ се допаднала со својата едноставност.

– Изборот на црн транспарентен фустан со панталони и нежно проѕирен грб даде одличен ефект на сцената. Ова е уште една потврда дека изборот на црна боја е непогрешлив, само да се знае како да се разбие ефектот на црнило. Во случајов со транспарентноста на материјалот, кој доби боја од телото и од рефлекторите, крајниот ефект беше одличен – вели дизајнерката.

Грандиозен впечаток ѝ остави и претставничката на Естонија, Елина.

– Колку со нејзиниот извонреден вокал, уште повеќе со креацијата која сама по себе ја наполни сцената, дури заличуваше на огромен плоштад. Но ефектот ќе беше поголем доколку ова беше невидено досега – оценува Антонија.

За стилот на „Ај кју“ вели:

– Во оваа пригода би кажала дека ми е жал за нашата претставничка Марија од „Ај кју“ што дозволи во неколку настапи, во спотот како и на сцената во Лисабон, да изгледа како во оклоп. Изборот на бојата на сакото ми се допадна, но предимензионираните рамена и лошиот крој на сакото го дадоа нејзиниот лош впечаток. Изгледаше како костимот да е кроен за некој друг, наместо за Марија. Во недостиг на софистицираност, следуваат негативни критики – нагласува Антонија.

Особен впечаток ѝ оставиле и четирите убави, згодни, харизматични водителки.

– Го збогатија раскошот на евровизиската сцена со нивниот различен стајлинг сите три вечери – вели Ристовска.

Лејла Сабит