Краткиот филм „Види ја ти неа“ на Горан Столевски во селекција на фестивалите Санденс и Клермон – Феран


Краткометражниот филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски влезе во официјалната програма на најпрестижниот фестивал посветен на краткиот филм кој се одржува во Клермон – Феран во Франција. Овој фестивал е од А – категорија, специјализиран за краток филм, според FIAPF – Интернационалната Федерација на Асоцијации на Филмски Продуценти овластена за категоризација на фестивалите.

Претходно, овој филм влезе во селекција во Интернационалната компетиција на Филмскиот Фестивал во Санденс.

Почетоците на Интернационалниот Фестивал на Краток Филм Клермон – Феран, во организација на асоцијацијата „Sauve qui peut le court métrage“, датираат од 1979 година, кога Филмското друштво при Универзитетот во Клермон – Феран организира Недела на краток филм – настан кој би прифатен со голем ентизијазам од страна на публиката и кој одговорил на очекувањата на многу професионалци. Фестивалот добива интернационален карактер во 1988 година кога покрај Компетицијата на француски филм воведува и Интернационална компетиција, која опфаќа филмови од другите земји. Низ годините прераснува во една од најзначајните платформи за кратката форма, а до својата триесетгодишнина е домаќин на публика од преку два милиона, илјадници филмови и стотици филмаџии. Денес, Клермон – Феран е најголемиот и најважен специјализран фестивал за краток игран филм, во смисла на посетеност и присуство на професионалци од сите страни на светот, но пред се од аспект на квалитет и значајност.

На овој фестивал се откриени многу нови талентирани режисерски имиња, кои подоцна изградиле успешна филмска кариера. Токму затоа ова е огромен успех за „Види ја ти неа”, кој се вброи меѓу 73-те наслови во Интернационалната Компетиција, селектирани од вкупно 8696 пријавени кратки филмови.

„Види ја ти неа” ќе има осум проекции во рамките на 40. Клермон – Феран ИФКФ, кој ќе се одржи во периодот од 2-ри до 10-ти февруари 2018 година. Термините за прикажување ќе бидат официјално објавени на веб – страната на Фестивалот на почетокот на месец јануари следната година.