Кој ќе преживее, ќе наебе


Ерол Ризаов

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, има уште 16 дена за размислување и за консултации со народот, па на 10 септември, точно напладне во 12 часот и една минута, ќе ѝ приопшти на јавноста на која страна ќе тргне тој и партијата му.

Она што досега го кажува челникот на ВМРО-ДПМНЕ е на прв поглед многу сложено и неразбирливо, но на крајот станува ептен јасно. Комплицирано е затоа што Мицкоски е против договорот со Грција, а со душа и со срце е за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО. Знае дека едно без друго не оди, но сака нов подобар договор. Не е можно да се направи, ама можно е да се вети. Мицкоски е против промена на името на државата, сепак со задоволство би прифатил ако онаа додавка „северна“ е пред Република, никако до Македонија. Мицкоски е за референдум, ама само ако е ВМРО-ДПМНЕ на власт, па да се организира како треба за 102 отсто излезеност. Мицкоски за жива глава не поддржува уставни промени, ама ако референдумот биде успешен ќе ја спроведе волјата на народот и ќе се смени Уставот едногласно во парламентот. Мицкоски не повикува апла на бојкот, ама не кажува да се гласа ни „против“. Неговите најблиски соработници при јавно изјаснување навиваат повеќе за бојкот, отколку за Вардар, малкумина се „против“, а никако „за“.

Мицкоски жестоко ги осудува криминалот и корупцијата во редовите на власта, ама бара амнестија за врвот на партијата кој владееше 11 години без контрола и против кој се водат судски процеси за тешки кривични дела. Мицкоски сака да направи современа демохристијанска европска партија на темелите на ќенеф-диреци на кои се потпира ВМРО-ДПМНЕ. Од дрво маша не се прави. Ете, затоа на 10 септември Христијан Мицкоски ќе го соопшти истото тоа што го зборува од првиот ден како го постави Никола Груевски на неговото место. Нема поддршка за ништо, ни за Договорот, ни за ЕУ, ни за НАТО, ни за уставни промени додека не се амнестираат и не се ослободат Груевски и неговите најблиски соработници. Само тоа, ништо друго. Арно ама, овие од ЕУ, како и голем дел од јавноста во Македонија, не цицаат весла, па ставиле како услов за почнување на преговорите конечни судски пресуди за предметите на СЈО кои произлегуваат од прислушуваните телефонски разговори и од упадот во Собранието на Македонија.

Само ептен наивни и политички дудуци можат да веруваат дека со опструкција, со бојкот, со седење дома, со стратегија на сеир која ја проповедаат шарлатани и ебиветри можат да се решат проблемите. Да се биде со тие што бараат пари за да ги заплашуваат луѓето да не се изјаснат за иднината на Македонија е патоказ кон делби и распаѓање на државата. Жива несреќа. Ништо друго.

Што мислите, дали Мицкоски во овие денови на размислување осознал дека досега многу луѓе во Македонија, повеќе влади и институции, политичари, научници, јавни личности, уметници, деловни луѓе и вистински експерти, политичари и голем број странски државници и пријатели на Македонија работеле макотрпно со години на тоа да стасаме до тука кај што сме застанале и заглавиле, па со години стоиме во место најмногу поради опструкциите на неговите партиски претходници кои наместо европска иднина тргнаа во потрага по пославно античко минато и со тоа го трасираа патот кон договорот за ерга омнес. Таа трагична антикоманија не само што го сврте светот против нас, туку стана оправдување за големата неправда што ѝ се нанесе на Македонија и нејзините граѓани.

За голема среќа, срамниот грчки ултиматум и барикадата кон Европа го укинаа двајца храбри политичари и нивните соработници кои креираа договор кој е одржлив и кој покрај болните компромиси не го оспорува идентитетот на граѓаните на двете соседни држави. Грците добија гаранција за своето минато, Македонците за својата иднина. Нема повеќе политичари да одлучуваат за историската, или која било друга наука, туку таа работа е препуштена на научниците. Јасно е како бел ден дека не може без договор да се заврши оваа работа со НАТО и со ЕУ. Дали Мицкоски и неговата партија сакаат да учествуваат во тоа, или ќе се приклучат на политичките маргиналци не зависи од консултациите со народот, туку од оние што седат на клупите за обвинети во судот.

Не верувам дека Мицкоски не знае што ќе се случи со ВМРО-ДПМНЕ ако се постигне излезеноста и ако мнозинството граѓани гласаат „за“. Дали тогаш ќе го прифати советот да го прогласи референдумот за фалсификат. Или, што ќе се случи со ВМРО-ДПМНЕ ако се покаже точна проценката дека ќе нема доволна излезеност, односно ако излезат околу 800.000 до 900.000 граѓани некаде од 43 до 50 проценти од луѓето запишани во избирачките списоци и огромното мнозинство од нив гласа „за“. Дали таа недоволна излезеност ќе биде победа на ВМРО-ДПМНЕ, на маргиналците, или пораз на Македонија. Го знае ли Мицкоски одговорот на прашањето: иако референдумот е консултативен, по оставката на премиерот и на владата која би уследила, за кого ќе гласаат тие 800.000 до 900.000 граѓани на кои не им е прифатена определбата поради бојкот на европската ориентација на Македонија. Предизборната коалиција во тој случај на сите европски ориентирани партии може да биде и најдоброто решение, оти ќе ги збрише сите арамии и армолепци кои уште цицаат на вимето на државната каса.

Ако Македонија го испушти последниот воз поради немање национално единство и поради одлуката на власта да го финансира и толерира застрашувањето на граѓаните слободно да се изјаснуваат за својата иднина и иднината на поколенијата, тогаш нема друго освен тоа кој ќе преживее да наебе. Кога ова им го кажа ЈУ-легендата, актерот Јосип Пејаковиќ, на граѓаните на Босна и Херцеговина, не звучеше ни како пцовка ни како закана, туку како загрижувачка реалност и нужна превентивна опомена. Станува изгледно дека така ќе биде и со граѓаните на Македонија ако не успее најголемиот и најзначајниот проект по прогласување на независноста на Македонија. Граѓаните на Македонија го знаат тоа. Останува уште Мицкоски да дознае, па сите релевантни политички лидери со заеднички проглас изгласан едногласно во парламентот да ги повикаат граѓаните да излезат масовно на референдум и да бидат директни учесници во новата историја на Македонија. Е, тоа би било отворен пат кон иднината како што доликува на историскиот настан да се биде во европското семејство не со 51 плус еден, туку со 95 отсто.