Коѕиас не ги открива грчките црвени линии, но грчката влада е подготвена за решение
Во интервјуто за грчкото радио Real fm, министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕиас објаснува дека сѐ уште не се започнати суштински преговори на претставниците на двете земји со медијаторот Нимиц, а избегна да ги открие грчките црвени линии, бидејќи смета дека тие не треба да се соопштуваат јавно, додека за евентуалното решение изразува убеденост дека во Парламентот ќе биде изгласано од мнозинство пратеници.
Грчката Влада е решена да придонесе кон решение на проблемот, вели шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас и бара од македонска страна да ги намали или во најдобар начин, да ги елиминира тоновите поврзани со иредентизмот, изјави министерот.
– Соседната земја треба да ги намали тоновите што се поврзани со иредентизмот или во најдобар начин да ги елиминира. Исто како што нашата земја покажа и останува на тврдењето дека сакаме да постои оваа соседна држава и дека немаме никаква намера ниту да ја поделиме, ниту да ја распаднеме. Ни треба враќање на довербата, објаснува шефот на грчката дипломатија, а како пример за довербата ги споменува договорените мерки меѓу двете земји.
„Која е грчката црвена линија во преговорите?“ е можеби во изминатиот период најпоставуваното прашање во Грција во однос на спорот со името. Прашањето на кое одговори бараат и новинарите и опозициските партии.
Шефот на грчката дипломатија вели дека не постојат преговори без црвени линии, но не сакаше јавно да ги изнесе, со објаснување дека не е логично грчкиот преговарачки тим, уште пред да започнат преговорите да ја открие целата преговарачка тактика и стратегија.
Никос Коѕијас во интервјуто за грчкото радио, рече дека во текот на следните денови ќе се одржи состанок на сите министри во Владата каде што ќе бидат презентирани детали од преговорите и изрази уверување дека евентуалното решение нема да создаде проблеми и ќе добие зелено светло од мнозинството пратеници во Парламентот.
– Прашањето ќе дојде во Парламентот, предлогот ќе биде исклучително добар и ќе го поддржат мнозинството пратеници кои размислуваат патриотски и одговорно, вели шефот на грчката дипломатија и отфрла секакво сценарио Владата да си поднесе оставка. Во однос на евентуално свикување лидерска средба во претседателската палата, Коѕијас објаснува дека тоа е прашање за кое одлучува претседателот во договор со премиерот.
Од опозициската Нова демократија, пак, преку портпаролката Мариа Спираки, уште еднаш побараа од Владата да преземе одговорност, а двајцата коалициски партнери да излезат со заедничка и единствена позиција за прашањето за името.
– Политички Владата треба на граѓаните и на опозицијата да им го претстави нејзиниот предлог. Треба да ни каже што точно предлага за скопското прашање, вели Спираки за Real fm, пренесува МИА.
Портпаролката на опозициската партија рече дека предуслов за да продолжи јавниот дијалог е Владата да го достави нејзиниот предлогот и потенцираше дека позицијата на Нова демократија е истата од НАТО Самитот во Букурешт во 2008 за сложено име со географска одредница за севкупна употреба.
На истата линија со Нова демократија е и Демократската коалиција, партијата што ја сочинуваат ПАСОК и Демократска левица. И тие бараат да бидат информирани од Владата, а за името ја поддржуваат позицијата од 2008 година.
– Националната позиција на земјата е сложено име за севкупна употреба со географска одредница. Ние одговорно ќе го изразиме нашиот став кога Владата ќе ни донесе конкретен предлог и кога ќе бидеме комплетно информирани, бидејќи во овој момент целата дебата се води врз база на шпекулации, вели претседателката Фофи Генимата, за Real fm и бара, како што пренесува МИА, поголема сериозност и одговорност од сите, вклучувајќи ги и медиумите кои објавуваат имиња како можни решенија на проблемот меѓу двете соседни земји.