Косово до крајов на годинава очекува визна либерализација
Министерката за европски интеграции на Косово, Дурата Хоџа изјави дека прашањето на укинување на визите за косовските граѓани сега е целосно во рацете на Европската унија и очекува одлуката за либерализација да се донесе на почетокот на декември годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоџа за весникот „Зери“ изјави дека одлуката би требало да се донесе на последната годинешна седница на Советот на министри, која ќе се одржи за два месеци.
Министерката за евроинтеграции потврди дека кај одредени земји членки на ЕУ, како Франција, Холандија, Германија и Шпанија се уште има одредени резерви за визната либерализација за Косово, но рече дека ќе се продолжи со лобирање кај истите со цел да се добие и нивната поддршка.
Хоџа истакна дека за ова прашање разговарала и со членови на Владата на Австрија, од кои добила уверување дека ќе се заложат за донесување на конечната одлука додека нивната земја претседава со Унијата, односно до крајот на оваа година.