Концерт на Феми Кути со филхармонија и проекција на филмот „Исцелител“ под отворено небо во парк


На 6 и 7 јуни ќе се одржат два атрактивни настани кои што ќе се случат под отворено небо, во Градскиот парк во Скопје.

Македонската филхармонија по завршувањето на официјалната концертна сезона, ќе го реализира настанот „Филхармонија на отворено“, кој ќе ја донесе нигериската музичка ѕвезда Феми Кути.
На спектакуларниот музички настан којшто ќе се случи на 7 јуни (четврток) во Градскиот парк во 21 часот, заедно со Македонската филхармонија, а под диригентство и во аранжмани на Џијан Емин, ќе настапи славниот африкански вокалист Феми Кути, кој доаѓа со неговиот бенд „Позитив форс“. Дел од неговата музика, за првпат во светот, ќе биде изведена, односно аранжирана за симфониски оркестар.

Еден ден пред концертот на Феми Кути, на 6 јуни (среда), во Градскиот парк во 21 часот, ќе се случи настанот „Кино на отворено“, на кој ќе биде прикажан повеќенаградуваниот македонски филм на Ѓорче Ставрески – „Исцелител“.

Нигерискиот исклучителен музичар Феми Кути (роден во Лондон) пред се е познат како најстар син на пионерот на афробитот, големиот Фела Кути. Но, и покрај тоа што тој ја продолжува звучната патека која што ја трасираше неговиот татко, Феми Кути создаде сопствен израз на музицирање кој го прави автентичен и единствен. Неговите почетоци со музиката се од раните 80-ти години и секако се врзани со легендарниот Фела Кути и членувањето во неговиот бенд „Египет 80“.

Во 1995 година, Феми го издаде својот прв албум и од тогаш концертира ширум светот и особено е познат и впечатлив по неговите настапи во живо. Во 2010 година, го издаде извонредниот албум „Africa for Africa“, за кој двата пати беше номиниран за престижната награда „Греми“. Со миксот од т.н. енергетски набиен фанк, џез, реге и традиционални африкански ритми, во неговите песни Феми Кути зборува за политичката корупција, сиромаштијатата, лошите животни услови во родната Нигерија, како и во светот, диктаторскиот режим… Неговата музика се занимава со политичкиот и социјалниот аспект на живеење, со општествениот ангажман, носи силни пораки и токму тие се врзивната точка меѓу таткото и синот. Феми Кути всушност, ја следи сличната филозофија на она што го втемели Фела Кути и затоа неговата музика инспирира, и има за цел да го промени и да го мотивира африканскиот народ.

Токму албумот „Африка за Африка“ зборува за лошото владеење како главен проблем во Африка. Во една изјава, пред претседателските избори во Нигерија во 2011, тој ќе каже: „Нема никаква разлика меѓу тројцата кандидати за претседателско место во Нигерија. Можеме да кажеме дека се движиме кон демократски процес и тоа веројатно е подобро од тоа да одиме во војна, но корупцијата се уште е силно распространета. Луѓето се гладни и болни… Постои лицемерна ситуација. Некои луѓе имаат оброк на маса, а не знаат дека остатокот од светот секој ден страда, нема струја, нема вода. Учениците учат за историјата на африканското ропство, но другото не е вклучено во учебниците…“

Феми Кути во Скопје ќе гостува со неговиот извонреден бенд „Позитив форс“, со кој гостуваше и во рамките на „Скопски џез-фестивал“ во 2004 година. Овој пат ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија под отворено небо. Диригент е маестро Џијан Емин, кој се погрижи и за оркестарските аранжмани на композициите. Феми Кути годинава го издаде албумот „One People One World“.