Концерт на „Синтезис“ за роденденот на „Охридско лето“
Програмата за вечерашниот концерт е внимателно избрана за да соодветстува на еден толку важен датум и на уште поважна институција каква што е „Охридско лето“, истакнаа на прес-конференција членовите на етногрупата „Синтезис“, која вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе одржи концерт за 58-от роденден на нашата најголема музичко-сценска манифестација.
– Чест ни е да настапиме денеска. Огромна благодареност што ни е дадена можност првпат концертно да го промовираме најновото музичко издание со работен наслов „Остров“. Ќе дадеме се од себе на верната фестивалска публика да и понудиме несекојдневно музичко доживување, рече Марјан Јовановски од „Синтезис“.
Поради неповолните временски услови, концертот ќе биде во Центарот за култура, наместо на Античкиот театар како што беше претходно најавен. На програмата се преработки на стари, традиционални песни од Егејскиот дел на Македонија, на кои им е даден модерен призвук со цел да и се доближат на пошироката публика, пред се на помладите генерации.
Вообичаено, на денот кога се одбележува почетокот на опстојувањето на „Охридско лето“, програмата нуди содржина наменета за пошироката фестивалска публика и настани што долго се паметат.
– Денот кога почна „Охридско лето“, 4 август, во изминатите години стана симбол на неповторлив настан. Огромна е честа да најавиме уште еден роденденски концерт кој ќе се вброи во низата врвни доживувања за кои долго се зборува, истакна Сузана Вренцовска, в.д. директор на „Охридско лето“ на прес-конференцијата на која традиционално беше исечена и торта за роденденот на фестивалот.
Селекторот на музичката програма Васо Ристов посака како и досега Фестивалот сите идни изданија да ги слави со бројна публика, одлична критика и со светски уметници кои, како што рече, даваат се од себе со својата имагинација да придонесат за издигнување на „Охридско лето“ на највисоко можно ниво.
„Охридско лето“ официјално почна со концерт на оперската певица Ана Липша Тофовиќ на 4 август во далечната 1961 година. Од година во година по квалитетот на понудените содржини фестивалот бележи нагорна линија, а во изминатиот речиси шестдецениски период успеа да се профилира во манифестација која во Македонија има извонредно голема уметничка вредност, институција со најголема и најзначајна продукција на приредби од областа на сите уметности.
„Охридско лето“ се одржува секоја година од 12 јули до 20 август. Од 1994 година е член на Европската асоцијација на фестивалите.