Концерт во чест на Тоше: Кои ѕвезди ќе пеат во Скопје?


На 16 октомври се навршија 11 години откако поп-ѕвездата трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во Хрватска.

Вечерва, во 20 часот, балкански и македонски ѕвезди ќе пеат на концертот во чест на поп-ѕвездата, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Борис Новковиќ, Владо Калембер, Каролина Гочева, Александра Радовиќ, Бојан Маровиќ, Тијана Дапчевиќ, Ања Рупел, Тамара Тодевска, Даниел Кајмакоски, групата „Фрајле“, Наум Петрески, бугарската пејачка Клавдија, Борис Режак, Антонија Гиговска, Александар Тарабунов, Александра Јанева се дел од ѕвездите кои ќе настапат на концертот и со кои публиката ќе ги пее најголемите хитови на Тоше, а неговиот внук Кристијан Ристески ќе ја изведе „We are blood“, песна која се наоѓа на новиот албум.

Организаторите од Фондацијата „Тоше Проески“ велат дека со овој концерт продолжува хуманата мисија на мегаѕвездата. Средствата од купените влезници се наменети за децата без родители од домот „11 Октомври“ во Скопје.

Со многубројни новинарски екипи, фанови и почитувачи на ликот и кариерата на прерано починатата мегаѕвезда, вчера во Скопје беше промовиран новиот постхумен албум, четврти по ред „Secret place“, во организација на фондацијата „Тоше Проески“. На албумот се наоѓаат седум нови песни на англиски јазик, како и три преработки на познатите хитови: „Игри без граници“, „Боже, чувај ја од зло“ и „Среќна ли си ти“.

Албумот се работеше во студиото на славниот британски продуцент Енди Рајт, автор на хитовите од претходниот англиски албум на Тоше „The Hardest Thing“ сниман на Јамајка во 2006 година.

Рајт допатува специјално од Лондон за вчерашната промоција во Скопје.

Кога виде многубројни новинарски екипи, членови на семејството, соработници и пријатели, гостинот од Англија прокоментира: „Тоа е љубовта за Тоше.“

Два спота за две досега необјавени песни од Тоше Проески, ќе се промовираат на вечерашниот концерт посветен на Тоше, во ВИП-арената, меѓу нив и насловната „Secret place“.

Новите седум композиции се снимани во Загреб и во Лондон, а мастерот е правен во Париз.

– Две години се снимаше албумот. Изборот на песните беше тежок. Тоше пееше на совршен англиски јазик, имаше голем талент и спиритуална харизма. Песната „Secret place“ ја напиша Тоше. Зборува за тајното место кое Тоше го имаше кога сакаше да избега од сè. Тој пееше од срце и од душа – изјави англискиот продуцент Рајт кој зад себе има завидна кариера. Има работено на албумите на „Симпли ред“, на „Сипл мајндс“ и на Енрике Иглезијас.

Рајт потенцира дека Тоше остави зад себе уште многу песни и се очекуваат нови албуми со негови необјавени песни.

Насмеаниот Тоше, по кој го препознаваме, во бела маица, ја краси насловната фотографија за цедето, која е една од најдрагите на семејството и на соработниците на Тоше. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски