Концертна промоција на новиот „Стенвеј“ со настап на пијанистот Евгениј Судбин
Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе одржи симфониски концерт „Север и југ“, на кој како солист ќе настапи руско-германскиот пијанистЕвгениј Судбин. На концертот ќе биде промовирано и новото концертно пијано од марката„Стенвеј“, кое на Филхармонијата и го донираше компанијата „Страбаг“.
Славниот пијанист Судбин за македонската публика ќе го изведе популарниот Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ. Според „Телеграф“, Евгениј Судбин е „потенцијално еден од најголемите пијанисти на 21 век“, а според „Индипендент“, тој е „пијанист со невообичаена чувствителност и префинетост“.
Диригент на концертот е врвниот Даниел Рајскин, а оваа вечер ќе бидат изведени уште три впечатливи дела – увертирата „Маскарада“ од Карл Нилсен, „Процесија до Росио“ од Хоакин Турина и свитата „Шпанска рапсодија“ од Морис Равел.